ОД УТРЕ ПОЧНУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ВО СКОПЈЕ – ЕСМ ќе ги вклучи парното и радијаторите

Поради прогнозирана средна дневна температура од 12 степени, од 13 октомври почнува испораката на топлинска енергија за корисниците на централното греење во Скопје. ЕСМ апелира граѓаните да ги проверат инсталациите и да овозможат пристап до топлинските потстаници.

ОД УТРЕ ПОЧНУВА ГРЕЈНАТА СЕЗОНА ВО СКОПЈЕ – ЕСМ ќе ги вклучи парното и радијаторите
Фото: Принтскрин

Грејната сезона 2026/2027 за потрошувачите приклучени на системите за централно греење во Скопје започнува утре, 13 октомври, информираат од ЕСМ Снабдување со топлина.

Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата дозволува снабдувањето да започне и порано, во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или пониска од 12 степени Целзиусови.

Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за 13 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 12 степени, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

До 15 октомври, ЕСМ Снабдување со топлина секојдневно ќе објавува информации на својата веб-страница за тоа дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија за следниот ден.

Парното ќе се регулира зависно од надворешните температури

Во октомври и првата половина на ноември, кога временските услови се променливи, испораката на топлинска енергија ќе се приспособува на надворешните температури и атмосферските услови во текот на денот.

Кога температурите ќе бидат пониски, испораката на топлинска енергија ќе се зголемува, а при потопло време ќе се намалува. Кога ќе бидат исполнети утврдените услови за прекин на греењето, системот привремено ќе се исклучува, а по повторниот пад на температурите под граничните вредности, снабдувањето ќе продолжи.

Од ЕСМ посочуваат дека со ваквиот начин на регулирање се овозможува оптимална потрошувачка на топлинска енергија и намалување на трошоците за греење на потрошувачите.

Апел до граѓаните да ги проверат грејните инсталации

Од ЕСМ Снабдување со топлина потсетуваат дека редовното одржување на внатрешните грејни инсталации е обврска на потрошувачите и апелираат подготовките да бидат завршени навреме.

Заедниците на сопственици треба да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници, редовно електрично напојување, подмирени сметки за електрична енергија и исправни електрични инсталации. Сите завршени интервенции треба веднаш да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.

Корисниците можат да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот на објекти без услови за испорака на топлинска енергија преку веб-страницата на ЕСМ Снабдување, во делот „Затворени објекти“.

За дополнителни информации, пријавување дефекти и известување за завршени интервенции, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.

Корисниците на ЕСМ Енергетика можат да ги контактираат службите на 02 3104 816 и 02 3104 872.

CATEGORIES
Share This