ОД ПОДГОРИЦА СТИГНА ГОЛЕМА ВЕСТ – Се формира моќна регионална ракометна лига
Следува состанок за дефинирање на календарот и организацијата.

Во Подгорица денеска беше официјализирано формирањето на нова регионална ракометна лига во машка и женска конкуренција, преку потпишување договор меѓу ракометните федерации на Македонија, Србија и Црна Гора.
На состанокот присуствуваше и претседателот на РФМ, Александар Стефанов, заедно со челниците на ракометните федерации од Србија и Црна Гора.
Според договореното, машката регионална лига ќе брои десет екипи, по четири клуба од Македонија и Србија, како и два клуба од Црна Гора. И женската конкуренција ќе има десет учесници, но со поширок регионален состав. Покрај Македонија, Србија и Црна Гора, ќе настапуваат и клубови од Хрватска и Словенија, при што секоја држава ќе има по два претставника.
Од РФМ посочија дека проектот има за цел да создаде поквалитетен и поконкурентен систем на натпреварување, кој ќе придонесе за развој на клубовите, младите ракометари и тренери, како и за зголемување на медиумската и комерцијалната вредност на ракометот во регионот.
Воедно беше нагласено дека лигата е резултат на заедничка иницијатива на федерациите и клубовите, базирана на партнерска соработка и заедничка визија за унапредување на ракометот во Југоисточна Европа.
Во наредниот период е најавен нов состанок, на кој ќе бидат утврдени организациските детали и календарот за старт на натпреварувањето.
