ОД ПОБЕДИ НАД ИТАЛИЈА И ГЕРМАНИЈА ДО РАДУВАЊЕ НА ЕДЕН ГОЛ Што се случува со Македонија

Македонија загуби и во Шкотска (2:1), па остана без ниту еден бод во групата Б од Лигата на нации.

ОД ПОБЕДИ НАД ИТАЛИЈА И ГЕРМАНИЈА ДО РАДУВАЊЕ НА ЕДЕН ГОЛ Што се случува со Македонија
Фото: Принтскрин

Македонската фудбалска репрезентација продолжува со разочарувачките настапи во Лигата на нации. По вчерашниот пораз од Шкотска со 2:1 во Глазгов, избраниците на Гоце Седлоски го запишаа и петтиот пораз во групата, со што Македонија останува убедливо последна во сегментот Б, без освоен бод.

Точно е дека нашиот национален тим одигра подобро отколку на октомвриските натпревари, но поразот останува пораз. Во модерниот фудбал нема категорија „добар пораз“, особено кога зад репрезентацијата стои серија од 13 натпревари без победа.

Постигнатиот гол на Растодер, по нафрлувањето од корнер, ја прекина црната серија од повеќе од 800 минути без погодок. Но, тоа е само статистичка утеха кога конечниот резултат повторно е пораз, а бодовното салдо останува на тешка нула.

Репрезентацијата која не така одамна ги рушеше фудбалските гиганти како Италија и Германија и обезбедуваше настап на Европското првенство, денеска се радува на прекината серија без постигнат гол. Секако, имаше и позитивни моменти на „Хемпден парк“. Македонија одигра подобро во периодот од израмнувањето до пеналот со кој Шкотска повторно поведе. Тоа беа околу 15 до 20 минути во кои нашиот тим покажа нешто повеќе.

Но, не може да се занемари сликата од првото полувреме, слабата поставеност на теренот, грешките во одбраната и бројните шанси на противникот. Шкотска имаше повеќе прилики и заслужено победи, а Столе Димитриевски со своите интервенции спречи поразот да биде и поубедлив. Исто така, спорниот момент и одлуката на ВАР беа правилни, па нема оправдување за резултатот во Глазгов.

Сè почесто се создава впечаток дека во македонскиот фудбал е поважно да се зборува за позитивните моменти отколку да се соочиме со реалноста. Се забораваат лошите серии, падот на ФИФА-листата, слабата посетеност на домашните натпревари и незадоволството на навивачите, кои преку социјалните мрежи отворено ги искажуваат разочарувањето и критиките. Еден постигнат гол не може да ја избрише сликата за репрезентација која е далеку од нивото на кое беше и од она што се очекува од неа.

На Македонија ѝ останува уште натпреварот против Словенија во Скопје, во понеделник, со кој ќе го затвори ова разочарувачко издание во Лигата на нации. Во март следува баражот за опстанок, а од есента наредната година и квалификациите за Европското првенство во 2028 година. Време за сериозни анализи и промени има, но најмалку што ѝ треба на репрезентацијата е самозалажување со приказни за добри порази.

Зашто, како што вели и самата фудбалска логика – нема добар пораз!

CATEGORIES
Share This