ОД 5,5 НА 7,8 МИЛИОНИ ДЕНАРИ Апелација ја зголеми сумата за Зијадин Села по нападот од 27 април
Апелациониот суд ја зголеми отштетата за поранешниот пратеник, оценувајќи дека првичниот износ не ја одразувал сериозноста на повредите и последиците од нападот.

Апелациониот суд Скопје донесе правосилна пресуда со која делумно ја уважи жалбата на Зијадин Села и ја зголеми висината на надоместот што Република Македонија треба да му го исплати за нематеријална штета предизвикана од нападот во Собранието на 27 април 2017 година.
Со одлуката, државата е задолжена да му исплати на Села вкупно 7,8 милиони денари за повреда на личните права, телесното и душевното здравје. Апелациониот суд ја преиначил првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје, кој претходно му досудил 5,5 милиони денари.
Во образложението, второстепениот суд оценил дека првостепениот суд не ја проценил во целост сериозноста на повредите, ниту ги земал предвид сите околности што влијаат врз определувањето на правичен надомест. Според Апелација, претходно утврдениот износ не овозможувал реално обештетување и не ја отсликувал тежината на последиците што ги претрпел Села по нападот.
Со зголемениот надомест, судот ги земал предвид интензитетот и времетраењето на страдањата, влијанието врз психичката состојба и секојдневното функционирање на тужителот, како и јавниот карактер на настанот. Притоа, судот оценил дека износот претставува правична сатисфакција без да претставува прекумерна компензација.
Од вкупниот досуден износ, на Села му се определени:
- 1.500.000 денари за претрпени физички болки;
- 900.000 денари за претрпен страв;
- 3.000.000 денари за душевни болки поради намалена општа животна активност;
- 600.000 денари за душевни болки поради нагрденост;
- 600.000 денари за повреда на личното достоинство;
- 600.000 денари за повреда на честа;
- 600.000 денари за повреда на угледот.
На утврдениот износ ќе се пресметува и законска казнена камата, почнувајќи од 1 јуни 2023 година па до целосната исплата.
Апелациониот суд ја одбил жалбата на Државното правобранителство како неоснована. Тие барале укинување на пресудата и повторно водење на постапката. Од друга страна, жалбата на Села била делумно прифатена, но судот го одбил неговото барање за исплата на дополнителен надомест над 7,8 милиони денари. Во тужбата тој побарувал вкупно 61 милион денари.
Во пресудата се наведува дека на 27 април 2017 година, Села бил нападнат во Собранието од повеќе лица, при што се здобил со тешки телесни повреди опасни по живот. Според утврдените факти, тој бил удиран со тупаници, клоци и тврди предмети, а по нападот во бесвесна состојба бил пренесен на лекување.
Судот се повикал и на претходните правосилни кривични пресуди со кои повеќе лица биле осудени за нападот, како и на медицинските вештачења што утврдиле дека кај Села останале сериозни физички и психички последици, меѓу кои посттрауматски симптоми, намалена животна активност и долготрајни душевни страдања.
Со истата одлука, Република Македонија е задолжена да ги надомести и трошоците за судската постапка во износ од 210.715 денари.


