ОД 3.782 ДО 50.000 ДЕНАРИ 35 години независност, но дали денес живееме подобро

Денарот е воведен во 1992 година, симболот на економската самостојност преживеа три и пол децении.

ОД 3.782 ДО 50.000 ДЕНАРИ 35 години независност, но дали денес живееме подобро
Фото: Принтскрин

Три и пол децении независност донесоа сопствен денар, милијарди долари БДП и плати кои денес се десетина пати повисоки од 90-тите, но и приватизации, стечаи, економски кризи, иселување и постојана битка со високите трошоци за живот. Македонија денес има повеќе денари во паричникот,  но дали со нив може да си дозволи повеќе?

ОД 110,8% ИНФЛАЦИЈА ДО ДЕНАРОТ: Македонија во 1991 година ја почна најтешката економска битка

Во 1991 година Македонија ја прогласи независноста, но економскиот пат кон самостојноста беше далеку од лесен. Инфлацијата достигна 110,8 проценти, а земјата се соочуваше со распад на дотогашниот економски систем и создавање сопствени институции. Еден од најголемите чекори беше воведувањето на денарот во април 1992 година.

„Република Македонија воведува сопствена парична единица што ќе го носи името денар“, порача тогашниот премиер Никола Кљусев.

Од првите македонски банкноти до денес поминаа повеќе од три децении, а денарот стана еден од најважните симболи на македонската економска самостојност.

ПРИВАТИЗАЦИЈА, СТЕЧАИ И ТАТ: „БОГАТИ ПОЕДИНЦИ, БОГАТА ДРЖАВА“ НО КОЈ СЕ ЗБОГАТИ?

Транзицијата требаше да создаде модерна пазарна економија. Наместо тоа, за голем број граѓани донесе затворени фабрики, изгубени работни места и неизвесност. Паролата „Богати поединци, богата држава“ требаше да биде ветување за подобра иднина. Но, за илјадници работници транзицијата значеше стечај и борба за преживување.

Посебно болно место останува аферата со штедилницата ТАТ. Илјадници штедачи останаа без своите заштеди, а случајот со години остана симбол на финансиската несигурност и недовербата во институциите.

Додека едни го градеа новиот бизнис-систем, други ги губеа своите животни заштеди и работните места.

ОКТА, ЕВН И ГРЧКОТО ЕМБАРГО: МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ИЗГУБЕНИ ВО НАЈБУРНИТЕ ГОДИНИ

Македонската економија во првите години од независноста беше погодена и од сериозни надворешни и внатрешни удари. Продажбата на големите енергетски капацитети, меѓу кои ОКТА и процесите поврзани со ЕВН, со години беа предмет на жестоки политички и економски полемики.

Но, можеби најголемиот надворешен удар беше грчкото трговско ембарго од 1994 до 1995 година. Околу 18 месеци македонската економија се соочуваше со сериозни ограничувања во трговијата, во период кога државата сè уште ги поставуваше темелите на сопствената економска независност.

Проценките за штетата се движеа околу две милијарди долари.

3.782 ДЕНАРИ ТОГАШ, РЕЧИСИ 50.000 ДЕНАРИ ДЕНЕС: ПЛАТАТА Е ПОРАСНАТА, НО И СМЕТКИТЕ ЕКСПЛОДИРАА

Оваа бројка можеби најдобро ја покажува промената во изминатите 35 години. Во 1993 година просечната нето-плата изнесувала 3.782 денари.

Во 2025 година достигнала 45.198 денари, а денес е близу 50.000 денари. На прв поглед огромен напредок. Но, има една голема замка.

Не е важно само колку денари заработуваме. Важно е колку можеме да купиме со нив. Заедно со платите растеа и цените на храната, домувањето, енергијата и услугите. Затоа повисоката номинална плата не значи автоматски и исто толку повисок животен стандард.

А токму тоа е прашањето кое најмногу ги интересира граѓаните: дали денес со една просечна плата живееме подобро отколку пред 30 години?

35 ГОДИНИ ПОДОЦНА – ПОМАЛКУ ЛУЃЕ, ПОСКАП ЖИВОТ И НОВ УДАР ВРЗ ЏЕБОТ: МОЖЕШЕ ЛИ МАКЕДОНИЈА ПОВЕЌЕ?

Во 1991 година Македонија имала околу 1,916 милиони жители. На крајот на 2025 година официјалната проценка покажува околу 1,819 милиони. Речиси 100 илјади жители помалку.

Зад оваа статистика стојат иселувањето, нискиот наталитет и заминувањето на дел од младите кои својата иднина ја гледаат надвор од земјата. Во меѓувреме, економијата преживеа нови удари – од глобалната финансиска криза, преку ковид-пандемијата, до инфлацијата и растот на цените на енергенсите и храната. А денес, на 35-годишнината од независноста, доаѓа и нова порака од бензинските пумпи – дизелот повторно е над 100 денари.

Од 1991 до денес Македонија создаде сопствена валута, институции и економски систем. Платите се неспоредливо повисоки, но заедно со нив пораснаа и трошоците за живот. Затоа, зад свечените говори и честитките за 35 години независност останува едно едноставно, но тешко прашање:

Можеше ли Македонија економски да направи многу повеќе?

И можеби најважното прашање од сите:

Дали навистина денес живееме подобро или само заработуваме повеќе денари за да плаќаме поскапи сметки?

CATEGORIES
Share This