ОБЈАВЕН СПИСОКОТ ЗА ЗЛАТНАТА ТОПКА Роналдо го нема, ПСЖ со дури 9 номинирани
„Франс Фудбал“ ги објави кандидатите за престижната награда - Јамал, Мбапе, Халанд, Белингем, Меси и Дембеле во трката.

Францускиот „Франс Фудбал“ го објави списокот од 30 фудбалери кои ќе се борат за најпрестижната индивидуална награда во светскиот фудбал „Златната топка“ за 2026 година.
Очекувано, меѓу номинираните се најголемите ѕвезди на денешницата. На листата се актуелниот светски шампион со Шпанија, Ламин Јамал, како и англискиот голгетер Хари Кејн, Ерлинг Халанд, Килијан Мбапе, Џуд Белингем, Усман Дембеле и Лионел Меси.
Меѓу останатите кандидати се Мајкл Олисе, Винисиус Жуниор, Луис Дијаз, Родри, Лаутаро Мартинез, Хвича Кварацхелија, Ашраф Хакими, Бруно Фернандеш, Витиња и Нуно Мендеш, но и уште голем број врвни фудбалски имиња.
Посебно внимание привлекува доминацијата на Пари Сен Жермен, кој има дури девет фудбалери меѓу 30-те кандидати и најмногу од сите клубови. Францускиот гигант во трката за престижното признание го претставуваат Усман Дембеле, Ашраф Хакими, Хвича Кварацхелија, Витиња, Жоао Невеш, Нуно Мендеш, Вилијам Пачо, Фабијан Руиз и Маркињос.
Сепак, најголемото изненадување за многумина е името кое го нема на листата. Кристијано Роналдо повторно не е меѓу номинираните за „Златната топка“. Португалската суперѕвезда, која со Ал Наср ја освои титулата во Саудиска Арабија, последен пат беше номинирана во 2022 година.
Победникот ќе биде прогласен на 26 октомври во Лондон, каде што ќе се одржи јубилејното 70. издание на церемонијата. Тоа ќе биде историски момент, бидејќи наградата за првпат ќе биде доделена надвор од Париз.

