НОВ УДАР ПО ОНЛАЈН КОЦКАЊЕТО Македонија блокира уште 104 страници, бројката достигна 462

Министерството за дигитална трансформација достави нов налог до АЕК за ограничување на пристапот до нелегални платформи за игри на среќа.

НОВ УДАР ПО ОНЛАЈН КОЦКАЊЕТО Македонија блокира уште 104 страници, бројката достигна 462
Фото: Принтскрин

Нови 104 веб-страници преку кои нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа ќе бидат блокирани во Македонија. Министерството за дигитална трансформација доставило нов налог до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), со што вкупниот број записи опфатени со досегашните налози за блокирање достигна 462.

Со најновата мерка продолжуваат активностите за спречување на нелегалното приредување игри на среќа преку интернет и ограничување на пристапот до платформи кои работат спротивно на законските прописи во државата.

Според Министерството, блокирањето има цел да ги заштити граѓаните од ризиците што ги носат нелегалните платформи, особено кога станува збор за злоупотреба на лични и финансиски податоци. Посебен акцент е ставен на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн коцкање.

Согласно доставениот налог, АЕК има рок од пет дена од неговото добивање да го проследи до операторите на електронски комуникациски мрежи. Операторите, пак, треба веднаш да постапат и да го ограничат пристапот до наведените веб-страници. При обид за отворање на блокираните страници, корисниците треба да добијат соодветно известување за причината за ограничувањето.

Министерството ги повика граѓаните да не оставаат лични и финансиски податоци на непроверени интернет-страници. Дополнително, родителите и старателите се повикуваат да посветат поголемо внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за опасностите од интернет-коцкањето.

CATEGORIES
Share This