НОВ УДАР ОД ЕУ Бугарија повторно во блокада – овојпат ја запре и Србија

Иако Европската комисија препорача отворање на Кластер 3, осум земји-членки, меѓу кои и Бугарија, не дадоа согласност, барајќи повеќе реформи и поголемо усогласување на Белград со политиките на ЕУ.

НОВ УДАР ОД ЕУ Бугарија повторно во блокада – овојпат ја запре и Србија
Фото: Принтскрин

Србија повторно не доби зелено светло за отворање на Кластер 3 во пристапните преговори со Европската унија, откако на состанокот на амбасадорите на земјите-членки во Брисел не беше постигнат потребниот консензус. Иако Европската комисија оцени дека Белград направил доволен напредок за отворање на новиот кластер, осум земји-членки се спротивставиле на предлогот. Меѓу нив е и Бугарија, заедно со Холандија, Шведска, Финска, Белгија, Естонија, Литванија и Хрватска.

Дополнително, Данска, Луксембург и Летонија не изразиле отворено противење, но побарале дополнителни уверувања, додека Франција останала меѓу најсилните поддржувачи на продолжување на пристапниот процес.

Според информации на „Еуроњуз“, Европската комисија до земјите-членки доставила документ во кој објаснува дека Србија исполнила значителен дел од преземените обврски. Во документот се наведува дека Белград ги повлекол спорните измени во законите за судството, направил напредок во областа на медиумските слободи, изборното законодавство и соработката со Европската унија во делот на надворешната и безбедносната политика.

Иако Србија сè уште не ги усогласи своите политики со санкциите на Европската унија против Русија, Комисијата оценува дека властите активно соработувале во спречување на заобиколување на санкциите, обезбедиле значителна поддршка за Украина и ги интензивирале политичките контакти со Киев. Сепак, Европската комисија нагласува дека реформите во судството и обвинителството не се завршени и дека е потребен дополнителен напредок.

На состанокот на Корепер, земјите-членки требаше да се изјаснат дали ја прифаќаат позитивната оценка на Европската комисија. Според дипломатски извори, противењето на осумте држави главно се темели на незадоволството од состојбата со владеењето на правото во Србија, како и на фактот што Белград и натаму одбива целосно да се усогласи со санкциите на Европската унија против Русија.

Кластер 3 е посветен на конкурентноста и инклузивниот раст и ги опфаќа областите поврзани со економијата, дигиталната трансформација, медиумите, даночната политика, социјалната политика, индустрискиот развој, науката, образованието, културата и царинската унија. Во него се вклучени поглавјата 10, 16, 17, 19, 20, 25, 26 и 29.

Во процесот на проширување, отворањето или затворањето на секој преговарачки кластер бара едногласна согласност од сите 27 земји-членки на Европската унија. Иако Европската комисија препорачуваше отворање на Кластер 3, недостигот од политички консензус повторно го запре напредокот на Србија. За Белград ова претставува уште еден сигнал дека идните чекори на европскиот пат ќе зависат не само од исполнувањето на техничките критериуми, туку и од спроведувањето на видливи реформи, зајакнувањето на владеењето на правото и поголемото усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија.

CATEGORIES
TAGS
Share This