МИЦКОСКИ ПОВИКА, ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ОДГОВОРИ Пет точки што можат да ги сменат изборите
Од Единствена Македонија очекуваат предлозите да бидат разгледани и вградени во новите измени на Изборниот законик.

Единствена Македонија доставува пет конкретни предлози за измени на Изборниот законик, откако премиерот Христијан Мицкоски вчера ги повика опозициските партии да дадат свои предлози за подобрување на изборниот процес.
Првиот предлог на Единствена Македонија е воведување целосно електронско гласање дома и во странство. Партијата смета дека со ова би се олеснил пристапот до избирачкото право и би се зголемила излезноста, која според нив влијае врз легитимитетот на изборните резултати.
Вториот предлог се однесува на рамноправно државно финансирање на сите учесници во изборниот процес во рамки на 20-дневната изборна кампања. Од партијата реагираат дека актуелниот модел создава нерамноправни услови, бидејќи најголемите парламентарни партии добиваат значителни средства од буџетот, додека вонпарламентарните партии се исклучени од финансирањето.
„Со постојното решение, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН би добиле околу 800.000 евра, Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра, а Единствена Македонија како вонпарламентарна партија би била исклучена од државното финансирање, иако станува збор за средства на сите граѓани“, наведуваат од партијата.
Третиот предлог е забрана за предизборни коалиции, со образложение дека коалицирањето треба да се прави по изборите, откако граѓаните ќе ја оценат реалната поддршка за секоја политичка партија со што се елиминираат таканаречените „крлеж партии“ кои пред секои избори менуваат политички блокови единствено заради остварување на лични интереси на т.н. лидери на овие човек-партии.
Четвртиот предлог се однесува на еднаков третман на сите политички партии на избирачките места. Единствена Македонија бара претставниците на сите партии на 3.480 избирачки места да имаат исти права и услови. Според партијата, моментално само претставниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои се членови на избирачките одбори добиваат дневници на денот на изборите исплатени од државниот буџет, додека другите партии сами ги покриваат трошоците.
Како петта точка, партијата предлага една изборна единица со изборен праг од 5 проценти. Според нив, ова би обезбедило еднаква вредност на секој глас и подобро усогласување меѓу освоените гласови и пратеничките мандати.
Од Единствена Македонија порачуваат дека целта треба да биде создавање изборен систем кој ќе гарантира фер натпревар, еднакви можности за сите политички субјекти и поголема доверба на граѓаните во изборниот процес.
Партијата очекува предлозите да бидат прифатени и вградени во новите измени на Изборниот законик.


