НОВ ПОЧЕТОК НА МАКЕДОНСКАТА КОШАРКА – Илиевски координатор на националните селекции
Новата функција ќе овозможи системски развој и поддршка за младите кошаркари.

Македонската кошаркарска легенда, Владо Илиевски, се врати во македонската кошарка како координатор на сите национални репрезентативни селекции. Со своето богато меѓународно искуство, длабокото познавање на репрезентативниот систем и авторитетот што го ужива во кошаркарските кругови, Илиевски е подготвен да го придвижи развојот на националната кошарка на ново ниво.
„Ја прифатив оваа функција за да го искористам своето име и искуство стекнато во изминатите триесет години за Македонија. Заедно со тимот ќе направиме значаен исчекор и ќе создадеме систем кој ќе овозможи младите генерации да ги наследат денешните играчи. Се надевам дека ќе оставиме трајно наследство и систем, начин на работа и позитивна средина што ќе произведува голем број добри кошаркари. Почнуваме со нов селектор, нова енергија, и не очекуваат добри резултати во иднина, како и нови момчиња и девојчиња кои ќе ја претставуваат Македонија во најдобро светло“, изјави Илиевски.
Тој исто така изрази благодарност до претседателот на Кошаркарската федерација, Томе Главчев, за довербата и одговорноста што му ја додели.


