НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕСВРТ ВО БИТОЛА Пелистер го сруши германскиот гигант Гумерсбах по вистинска ракометна драма

Битолчани губеа и со пет гола разлика, но во второто полувреме направија спектакуларен пресврт и славеа со 29:28.

НЕВЕРОЈАТЕН ПРЕСВРТ ВО БИТОЛА Пелистер го сруши германскиот гигант Гумерсбах по вистинска ракометна драма
Фото: Принтскрин

Еурофарм Пелистер приреди вистинска ракометна сензација, совладувајќи го германскиот гигант Гумерсбах со 29:28 во натпревар од Лигата на Европа.

Македонскиот шампион покажа неверојатен карактер, откако во текот на натпреварот беше во негатива и од пет гола, но не се предаде. Со фантастично второ полувреме, поддржан од преполната сала „Боро Чурлевски“, Пелистер стигна до голема победа и ги задржа шансите за пласман во елиминациската фаза.

Капитенот Филип Кузмановски беше најдобар стрелец на битолчани со седум погодоци, додека голманот Никола Митревски имаше извонредни 12 одбрани, од кои неколку во клучните моменти од натпреварот. Нтанзи постигна пет гола, а Ристевски, Граховац и Серафимов придонесоа со по четири погодоци. Но, зад статистиката стоеше тимска борба и карактер што на крајот ја донесоа победата против силниот германски противник.

Натпреварот започна изедначено, но неколкуте технички грешки во нападот на домашните му овозможија на Гумерсбах да ја преземе контролата. Поранешниот ракометар на Пелистер, Милош Вујовиќ, и расположениот германски голман Олблинг беа меѓу најзаслужните за гостинската предност. Германците во еден момент водеа со 14:9 и се чинеше дека Пелистер го очекува исклучително тешка задача во продолжението.

Она што следуваше во второто полувреме беше вистинска ракометна експлозија. Битолчани за само осум минути успеаја да ја анулираат негативата и да израмнат на 16:16, со што го принудија тренерот на Гумерсбах, Сигурдсон, да побара тајм-аут.

Митревски започна серија од важни одбрани, а неговите интервенции им дадоа дополнителна енергија на соиграчите и на трибините. „Боро Чурлевски“ повторно живееше за секоја топка, а натпреварот влезе во неизвесна завршница.

Во последните минути се играше вистински ракометен трилер. Ристевски доби директен црвен картон по остар старт, но тоа не ги поколеба домаќините. Серафимов беше сигурен од седум метри, а Митревски со извонредна интервенција одбрани чиста шанса на противникот иако Пелистер беше со играч помалку.

На 70 секунди до крајот Нтанзи погоди за 29:27 и ја крена салата на нозе.

Гумерсбах не се предаде и преку пенал на Вујовиќ намали на 29:28, обидувајќи се со пресинг по целиот терен да изнуди грешка во последниот напад. Но, ракометарите на Пелистер останаа смирени, ја сочуваа топката и го дочекаа последниот звук на сирената со огромна радост.

Победа за паметење, големи бодови и уште една потврда дека битолскиот тим може да се надигрува и со најсилните европски противници!

CATEGORIES
Share This