НЕВЕРОЈАТНО ОТКРИТИЕ ВО МУЗЕЈОТ – Илјадници древни монети ја раскажуваат историјата на Македонија

Во Националниот археолошки музеј беше претставена една од најбогатите нумизматички збирки во регионот со над 31.000 монети од различни историски периоди.

НЕВЕРОЈАТНО ОТКРИТИЕ ВО МУЗЕЈОТ – Илјадници древни монети ја раскажуваат историјата на Македонија
Фото: Принтскрин

По повод Меѓународниот ден на музеите, во Националниот археолошки музеј се одржа свечено отворање на Нумизматичката збирка, заедно со инклузивниот моден настан „Модата низ минатото“.

Нумизматичката збирка опфаќа над 31.000 примероци на монети изработени од злато, сребро и бронза, кои се пронајдени како поединечни наоди или во остави на различни археолошки локалитети низ целата држава. Во рамки на постојаната поставка се изложени околу 2.500 монети, кои го следат развојот на монетоковањето на овие простори од VI век пр.н.е. па сè до XIX век.

Изложбата вклучува значајни археолошки откритија од различни периоди. Меѓу нив се издвојува оставата со тетрадрахми од Прилепец (III век пр.н.е.), како и наодите од Првата македонска област во Богданци (околу 120-100 г. пр.н.е.). Посебно место заземаат и римските републикански денари од Глишиќ, Кавадарци и Пирава во Валандово (I век), како и оставата со антонинијани од Римскиот форум во Стоби (III век).

Од средновековниот период се истакнуваат византиските и други вредни наоди, меѓу кои депото со солиди и тремизи од Секулица кај Кратово (VI век), оставата од Виничко Кале со солиди и хистаменони (X век), депото од Скопско Кале со никејски хиперпирони и венецијански грошеви (XIII век), депото со српски денари од Кривогаштани (XIV век), како и оставата со османлиски монети од Орта Џамија во Струмица (XVII век).

Паралелно со ова, проектот „Модата низ минатото“ беше реализиран во организација на Националниот археолошки музеј, во соработка со Модниот институт „Изет Цури“, професорот Никола Ефтимов и студенти кои учествуваа во изработката на костимите.

Во рамки на проектот беа создадени 12 костими инспирирани од различни историски епохи, преку кои посетителите симболично „патуваат“ низ минатото преку модата. Костимите се поделени во четири целини: праисторија, антика, византиски и отомански период.

Целта на проектот е преку современи реконструкции да се доближи начинот на облекување и естетиката на луѓето низ различни историски периоди.

Настанот беше збогатен и со учество на здруженија за поддршка на лица со попреченост, со што симболично се заокружи овогодишната тема на Меѓународниот ден на музеите – „Музеите обединуваат поделен свет“.

CATEGORIES
Share This