ФЕСТИВАЛ ШТО ГО ОСВОЈУВА БАЛКАНОТ – „Вивалдија“ станува сè поголема музичка приказна

Петтото издание на фестивалот „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ ќе се одржи на 7 јуни во Националната опера и балет во Скопје со почеток во 20:00 часот.

ФЕСТИВАЛ ШТО ГО ОСВОЈУВА БАЛКАНОТ – „Вивалдија“ станува сè поголема музичка приказна
Фото: Принтскрин

Петтото издание на фестивалот за млади таленти „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ ќе се одржи на 7 јуни 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Националната опера и балет во Скопје. Настанот е во организација на уметничкиот центар „ПОЛИФОНИЈА“.

„ВИВАЛДИЈАДА“ претставува уникатен фестивалски проект кој има за цел промоција на македонската култура и уметност во спој со европското музичко наследство. Фокусот е ставен на младите инструменталисти, кои преку работилници и концертни настапи добиваат можност за сценско искуство, соработка со професионални музичари, како и стекнување нови знаења и контакти.

Од своето основање во 2022 година, фестивалот, заедно со оркестарот на „ПОЛИФОНИЈА“ и концертмајсторот и уметнички директор Сања Шуплевска-Боирал, бележи континуиран раст и успех. Настапите пред полни сали со публика од различни генерации, како и зголемениот интерес од страна на солисти и љубители на класичната музика, го потврдуваат неговиот значај.

Ова издание на „ВИВАЛДИЈАДА 2026“ за првпат добива меѓународен карактер, со учество на гости од повеќе европски земји. Специјален гостин ќе биде диригентот Кристофер Мускат од Малта, раководител на Академијата за сакрална музика „Francesco Azopardi“, визитинг-предавач на Универзитетот на Малта и директор на „Pjazza Teatru Rjal“. Тој е истакнат современ композитор и диригент со силен фокус на духовната и современата класична музика.

На фестивалот ќе настапат десетина млади солисти од Македонија, меѓу кои Илина Ристова, Теона Павлова, Михаела Васковска, Илија Богоев, Теодор Трајковски, Уна Трајковска, Сиена Ангеловска Витли, Бисера Кировска и Јована Јанкуловска, како и гости-студенти од Малта, Србија и Русија.

Инспириран од музиката на Антонио Вивалди, фестивалот ја следи неговата идеја за поддршка на младите музичари преку создавање и изведување нова солистичка музика, овозможувајќи им развој и сценско искуство. Оваа практика претставува важен чекор во нивното уметничко усовршување и професионален раст.

Зад проектот стојат координаторките Наташа Стојановска и Даниела Неделковска од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, диригентот Кристофер Мускат, како и тимот на „ПОЛИФОНИЈА“: Јанинка Невчева, Орце Ицковски (раководител на проект и продуцент-организатор) и Сања Шуплевска (концертмајстор и уметнички директор).

CATEGORIES
Share This