НЕВЕРОЈАТНА ФИЛМСКА БУРА ВО СКОПЈЕ Над 80 филмови и 400 млади на „Џифони Македонија“
Од 24 до 29 септември младите ќе го освојат филмскиот свет – гости од пет европски земји, осум работилници и филмови што отвораат едно големо прашање: Што навистина е невозможно?

Што им изгледа невозможно на младите денес? Дали невозможното навистина претставува граница или, можеби, е само нешто што сè уште не сме научиле да го замислиме, разбереме или направиме? Овие прашања се во центарот на годинешното издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“, кој ќе се одржи од 24 до 29 септември под мотото „Невозможните нешта“ (The Impossible Things).
Годинава фестивалот повторно го става во фокусот светот на генерацијата Z, но и на најмладата генерација Алфа – генерации кои растат во време на брзи технолошки, општествени и културни промени.
Организаторите посочуваат дека промените не се однесуваат само на возрасните граници, туку и на начинот на кој младите ги доживуваат филмот, кратките видеоформати, медиумите и светот околу себе.
Целта е да се понудат филмови и содржини кои на младата публика ќе ѝ пристапат искрено и со длабочина, почитувајќи ја нејзината зрелост и потребата од приказни во кои може да ја препознае сопствената сложена реалност.
„Невозможното“ како предизвик, а не како граница
„Зборот ‘невозможно’ звучи како пречка. Но, во него постои и една противречност – тој негира, но истовремено упатува на нешто што сè уште не сме научиле да го правиме, замислуваме или во што не сме научиле да веруваме“, велат организаторите.
Оттаму, темата „Невозможните нешта“ не се однесува само на големи и апстрактни идеи, туку ги опфаќа и малите и големите невозможности со кои младите се соочуваат во секојдневниот живот.
Над 400 учесници и гости од пет земји
За годинешното издание досега се пријавени повеќе од 400 учесници, а се очекува и присуство на околу 30 млади гости од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово.
Програмата носи повеќе од 80 долгометражни и краткометражни филмови, распоредени во неколку натпреварувачки селекции.
Публиката и учесниците ќе можат да ги следат изборите за најдобар долгометражен, краткометражен и анимиран филм, како и за најдобар филм изработен од ученици од основните и средните училишта.
Македонски автори со свои филмови
Во програмата ќе бидат претставени и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.
Натпреварувачката програма ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Скејбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума.
Од регионот пристигнува и црногорскиот игран филм „Видра“, во режија на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција ќе биде прикажан хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“, во режија на Невен Хитрец.
Останатиот дел од долгометражната програма го сочинуваат филмови од повеќе европски земји, додека краткометражната селекција носи остварувања од целиот свет.
Филмот продолжува и по одјавната шпица
Еден од препознатливите сегменти на „Џифони Македонија“ се директните средби меѓу младата публика и филмските автори.
Досега се потврдени гостувања на четворица режисери на долгометражни филмови, кои по проекциите ќе разговараат со учесниците и ќе одговараат на нивните прашања.
„Филмот не завршува со одјавната шпица, туку продолжува низ дискусиите, прашањата и размената на искуства“, велат организаторите, нагласувајќи дека токму ваквите средби се важен дел од фестивалот и придонесуваат за развој на критичкото размислување кај младите.
Осум работилници за младите
Покрај филмската програма, годинава се предвидени и осум работилници преку кои младите ќе имаат можност активно да создаваат, да учат и да соработуваат.
Фестивалот, како што посочуваат организаторите, не е само серија филмски проекции и придружни активности. Тој создава простор каде што младите од различни училишта, градови и земји се среќаваат, се запознаваат, разговараат и заеднички создаваат, притоа споделувајќи ги своите погледи кон светот.
„Џифони Македонија“ е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Италијанскиот културен институт, „Џифони Експириенс“, Град Скопје и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.

