НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ИНТЕРВЕНЦИИ – Меѓународни експерти потврдија сомнежи кај 9 пациенти

Реакцијата на надлежните доаѓа по пишувањето на Национал дека паднаа во заборав контролите со непотребните стентирања на пациенти.

НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ИНТЕРВЕНЦИИ – Меѓународни експерти потврдија сомнежи кај 9 пациенти
Фото: Принтскрин

Меѓународна независна комисија утврдила дека кај девет пациенти не биле оправдани кардиохируршките и кардиолошките интервенции извршени во јавни и приватни здравствени установи, откако минатата година кардиологот д-р Сашко Кадев алармираше за можни непотребни операции во приватното здравство.

Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека минатата година била формирана домашна интерна комисија составена од девет медицински експерти, правници и економисти од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.

Комисијата одржала 16 состаноци и анализирала 20 случаи, при што кај 13 биле утврдени сомнежи за непотребни операции или неосновано упатување на хируршки зафати. Документацијата потоа била испратена до меѓународна експертска група формирана во февруари.

Странската комисија, составена од кардиохирурзи и кардиолози од Италија и Словенија, утврдила дека кај четири пациенти третманот бил медицински оправдан и спроведен според клиничките стандарди.

Но, кај останатите девет пациенти биле забележани сериозни сомнежи, меѓу кои несогласувања меѓу ангиографските наоди и писмените извештаи, како и несоодветни индикации за ендоваскуларни и хируршки интервенции. Според експертите, дел од третманите биле под очекуваните професионални стандарди и можно е да влијаеле негативно врз здравствената состојба на пациентите.

Анализираните случаи се однесуваат на пациенти на возраст од 46 до 78 години, а постапките биле извршени во повеќе јавни и приватни установи, меѓу кои Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, ГОБ „8 Септември“, Клиничка болница „Жан Митрев“ и Клиничка болница „Аџибадем Систина“.

Алиу нагласи дека наодите се сериозни, но предупреди дека не треба да се генерализира или да се нарушува угледот на целата лекарска професија.

Извештаите ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, Лекарската комора, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Фондот за здравствено осигурување и Антикорупциската комисија.

Координаторот на домашната комисија, проф. д-р Александар Станков, објасни дека извештаите претставуваат материјален доказ, но не и официјално вештачење. Тој посочи дека евентуална кривична постапка ќе зависи од одлука на Обвинителството и дополнително судско-медицинско вештачење.

Министерот потврди дека сите девет пациенти се живи и дека ќе можат да добијат увид во извештаите, но документите засега нема да бидат јавно објавени поради можни идни правни постапки.

Реакцијата на надлежните доаѓа по пишувањето на Национал дека паднаа во заборав контролите со непотребните стентирања на пациенти.

ЗАБОРАВЕН СКАНДАЛОТ СО НЕПОТРЕБНИ СРЦЕВИ ОПЕРАЦИИ ЗА ПРОФИТ – Што се случи со случајот што ја потресе јавноста?

CATEGORIES
Share This