НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДАНОЦИТЕ – Контролата и наплатата ќе биде построга

Министерката за финансии најавува сеопфатна ревизија на даночните и царинските закони со цел подобра наплата и спречување на злоупотреби

НЕМА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ДАНОЦИТЕ – Контролата и наплатата ќе биде построга
Фото: Национал

Даноците нема да се зголемуваат, но државата ќе инсистира секој да го плати својот фер дел преку затворање на правните празнини во системот. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, најавувајќи сеопфатна ревизија на даночните и царинските закони.

Во интервју за списанието „Економија и бизнис“, таа посочи дека дел од важечките прописи се застарени и недоволно прецизни, што создава простор за различни толкувања и злоупотреби. Како пример го наведе Законот за ДДВ, во кој одредени одредби не се изменети уште од 2000 година.

Според министерката, измените нема да бидат козметички, туку суштински, со цел да се спречи поединци и компании да се повикуваат на недоречености во законите за да го заобиколуваат плаќањето на даноците.

„Апсолутно нема да има зголемување на даноците. Тоа е наше јасно предизборно ветување. Секогаш се водам од принципот дека на државата треба да ѝ се плати точно онолку колку што ѝ следува – ниту повеќе, ниту помалку. Наш приоритет е најпрво да обезбедиме сите да ги плаќаат своите даночни обврски, а дури потоа да се отвори прашањето за евентуални промени на даночните стапки“, нагласи Димитриеска-Кочоска.

CATEGORIES
TAGS
Share This