НЕМА ПОВЕЌЕ ЛАСКАЊЕ – Расмусен повика Европа да му се спротивстави на Трамп

Поранешниот генерален секретар на НАТО предупредува дека Европа мора да реагира поостро кон САД.

НЕМА ПОВЕЌЕ ЛАСКАЊЕ – Расмусен повика Европа да му се спротивстави на Трамп
Фото: Принтскрин

Поранешниот дански премиер и екс генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, изјави дека „времето на ласкање“ кон американскиот претседател Доналд Трамп е завршено и дека Европа треба поотворено да му се спротивстави.

Тој предупреди дека Европската унија треба да реагира поцврсто доколку Трамп ги реализира најавите за воведување дополнителни царини за осум европски земји, нагласувајќи дека во таков случај би биле оправдани и реципрочни мерки. Според него, Трамп „разбира само сила“, па затоа Европа мора да покаже решителност.

Расмусен изрази загриженост и дека НАТО би можел да се најде во сериозна криза ако се остварат заканите за преземање контрола врз Гренланд, оценувајќи дека е неприфатливо сојузник во алијансата да настапува против друг член со територијални претензии.

Тој сепак повика на деескалација и дијалог, предлагајќи обновување на договорот меѓу САД и Данска од 1951 година, како и засилено присуство на НАТО во регионот на Арктикот и Гренланд.

Дополнително, Расмусен посочи дека можни решенија се и нови инвестициски аранжмани за експлоатација на ретки минерали во Гренланд, како и механизми за контрола на странски инвестиции со цел да се спречи влијание од Кина или Русија.

CATEGORIES
Share This