НЕМА НИТУ ЕДЕН ДЕН РАБОТЕНО ВО СУД Синдикатот жестоко удри по уставната судијка по одлуката за културата
По укинувањето на Колективниот договор и членот 78-љ од Законот за култура, синдикатот повторно реагира и ја отвора темата за професионалното искуство на Татјана Васиќ-Бозаџиева.

Не стивнуваат реакциите по вчерашните протести во културата и одлуката на Уставниот суд со која беше укинат членот 78-љ од Законот за култура, како и Колективниот договор за вработените во културата во целина.
Од Уставниот суд образложија дека постојниот Закон за култура не содржи соодветна методологија за утврдување на платите, која треба да биде утврдена со закон, а дополнително разработена со колективен договор.
Синдикатот и денеска реагира на одлуката, при што посебно ја критикува уставната судијка Татјана Васиќ-Бозаџиева, доведувајќи ја во прашање нејзината професионална биографија и искуството во правосудството.
Во реакцијата се посочува дека Васиќ-Бозаџиева дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде што одбранила и магистерски труд кај професорката Родна Живковска, неколку месеци пред да биде назначена за уставна судијка.
Од јули 2019 до септември 2020 година работела во Министерството за правда како државен советник за евроинтеграции, а од септември 2020 до јануари 2022 година била посебен советник за правни прашања во Министерството за здравство.
„Татјана Васиќ-Бозаџиева, која е назначена за уставен судија, нема ниту еден ден поминато како правник во суд“, се наведува во реакцијата, во која се тврди дека оваа информација била презентирана и од собраниската говорница при нејзиното назначување.
Реакциите доаѓаат во услови на зголемено незадоволство кај вработените во културата, кои протестираат поради последиците од одлуката на Уставниот суд врз нивните плати и колективните права.

