НЕКА ОДГОВАРА ТОЈ ШТО КРАДЕЛ Не чувствувам одговорност за случајот со директорот на Платежната агенција вели Трипуновски
Платежната агенција е независно тело – напади на опозицијата се политички

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во телевизиско интервју изјави дека одговорност треба да се побара од секој што е фатен на дело за злоупотреба или прекршување на законите. Тој апелира истрагата да се води до крај и сите евентуално инволвирани да одговараат.
„Јас како ресорен министер ќе продолжам да се борам ваквите случаи да се санкционираат во целост. Само така можеме да изградиме доверба во институциите, која во минатото често недостигаше, додаде Трипуновски.
Министерот потенцира дека Владата спроведува неселективна борба против криминалот и дека без разлика на политичката припадност, секој што направил злоупотреба мора да одговара.
„Со овој случај гледате дека како сериозна Влада, без разлика на партиска припадност, дали е некој сегашен или поранешен функционер, се бориме доследно. Тоа е сериозен пристап, кој во минатото не беше случај, изјави тој.
Трипуновски исто така упати апел до граѓаните кои имаат сознанија за други можни злоупотреби да алармираат, за веднаш да се постапи и да се санкционира.
Министерот ги отфрли обвинувањата на опозицијата, нагласувајќи дека Платежната агенција е независно тело од министерството.
„Платежната агенција е самостојно тело кое одговара пред Владата. Сите процеси се водат од директорот со свој менаџерски тим, според акредитирани мерки, насоки од Брисел и строго утврдени процедури. Нападите на опозицијата за поврзување на министерството со агенцијата се повеќе политички поени и јавна видливост, објасни Трипуновски.

