НЕДЕЛА ПОВТОРНО ДА СТАНЕ РАБОТЕН ДЕН Синдикатите се заканија со протести и непослушност
ССМ и „Гласен текстилец“ жестоко реагираат и предупредуваат дека нема да дозволат кратење на работничките права.

Најавата за враќањето на работната недела предизвика остра реакција од Сојузот на синдикатите на Македонија. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатите не се изненадени од ваквите најави, без оглед дали се работи за личен став или за можна владина политика.
„Со изјавата ‘Ако ме прашате мене, зошто да не се врати недела да биде работен ден’, која ја дал заменик-министерот Ристески, тој се става во улога на мегафон на газдите со кои очигледно има идентичен став“, реагираше Трендафилов.
Според него, изјавите за укинување на неработната недела се надоврзуваат на барањата за намалување на бројот на празници, а сè почесто и функционери зборуваат за кратење на работничките права. Трендафилов посочи дека проблемот не е само неделата, туку и злоупотребите на саботата како ден за одмор.
„И сабота е неработен ден, а истиот газдите најмногу го злоупотребуваат. Тоа работниците секојдневно го зборуваат, а креаторите на политиките се прават дека не го гледаат и слушаат“, порача претседателот на ССМ.
Тој го праша Ристески дали самиот работел или работи во недела, пред да се отвори можноста за враќање на работа на денот што, според синдикалните процени, го користат за одмор речиси 90 проценти од работниците. ССМ најави дека ќе се спротивстави на секој обид за намалување на работничките права.
„ССМ нема да дозволи работничките права да станат предмет на пазарење со газдите“, порача Трендафилов.
Остра реакција упати и организацијата „Гласен текстилец“, која ја оцени изјавата на заменик-министерот како директен удар врз стекнатите работнички права. Од организацијата потсетија дека неделата како ден за неделен одмор не била подарок од ниту една влада, туку резултат на долгогодишна борба, истражувања, сведоштва на работници и притисок од синдикалниот и граѓанскиот сектор.
Според нив, постојниот закон веќе предвидува исклучоци за дејностите во кои работниот процес бара континуитет, како и можност за работа во трговските објекти во туристичките места. Особено го оспорија аргументот дека работниците треба да имаат можност да работат во недела за да заработат повеќе.
„Ако работодавачите не ги плаќаат ниту прекувремените часови, ниту работата на државен празник, врз основа на што заменик-министерот гарантира дека ќе ја плаќаат работата во недела?“, прашаа од „Гласен текстилец“.
Организацијата предупреди дека во приватниот сектор постојат проблеми со евиденцијата на работното време, неплатената прекувремена работа и неисплаќањето на законските додатоци. Наместо да се отвора прашањето за укинување на неработната недела, од „Гласен текстилец“ бараат повисоки плати, задолжителна и веродостојна електронска евиденција на работното време, посилни инспекциски механизми и санкции за работодавачите кои ги прекршуваат законите.
Организацијата упати и предупредување дека доколку се пристапи кон законски измени со кои недела повторно би станала редовен работен ден, ќе повика на масовни протести, мирна граѓанска непослушност и организиран отпор.
„Работниците не се машини. Нивното достоинство, здравје и право на одмор не се предмет на преговори!“, порачуваат од „Гласен текстилец“.
Дебатата во Македонија се отвора во време кога неколку европски земји тестираат модели на скратено работно време, без намалување на платите. Во Велика Британија, во голем пилот-проект спроведен во 2022 година учествувале 61 компанија и околу 2.900 вработени. По завршувањето на експериментот, 56 компании најавиле дека ќе продолжат со моделот, а 18 потврдиле дека го воведуваат трајно.
Во Германија, пилот-проектот со четиридневна работна седмица покажал стабилни финансиски показатели и подобрувања во задоволството на вработените, спиењето и рамнотежата меѓу работата и приватниот живот. Според следењето објавено во февруари 2026 година, 70 проценти од организациите продолжиле со некаков облик на скратено работно време.
Португалија, пак, спроведе шестмесечен експеримент во кој учествувале компании со повеќе од илјада работници, при што биле забележани подобрувања во усогласувањето на работните и семејните обврски. Особено актуелен е примерот на Полска, каде во текот на 2026 година се спроведува пилот-програма со 90 работодавачи и повеќе од 5.000 вработени. Предвидено е намалување на работните часови за 10 проценти во првата половина од годината и за 20 проценти во втората, со зачувување на платите.
Исланд е уште еден пример за постепено скратување на работната седмица преку експерименти и колективни договори. Во периодот од 2015 до 2019 година, околу 2.500 работници тестирале работна седмица од 35 до 36 часа без намалување на платата, при што продуктивноста и квалитетот на услугите во повеќето опфатени работни места останале исти или се подобриле.
Сепак, европските модели не се идентични. Некои подразбираат реално намалување на бројот на работни часови, други компресирање на истите часови во помал број денови, додека во дел од земјите се отвора и можноста за дополнителни работни денови во одредени дејности.
Измените на Законот за работните односи со кои недела беше утврдена како ден за неделен одмор беа усвоени на 20 декември 2021 година, а почнаа да се применуваат од 1 јануари 2022 година. Со законското решение беа предвидени исклучоци за дејностите во кои работниот процес не може да се прекине. За работниците кои работат во недела во дозволените дејности е предвиден додаток од најмалку 50 проценти за секој час работа, како и користење неделен одмор во друг ден. За работата во трговијата важат посебни правила.
Тоа значи дека неделата никогаш не била целосно неработен ден за сите дејности, туку законски заштитен ден за одмор со определени исклучоци.
Засега нема најавена конкретна владина одлука за укинување на неделата како неработен ден. Ристески најави дека прашањето треба да се разгледа во рамките на Економско-социјалниот совет, каде би требало да се соочат аргументите на работодавачите, синдикатите и институциите.
Од една страна, стопанските комори бараат поголема флексибилност за работење во недела и можност за поголема заработка на вработените. Од друга страна, синдикатите и организациите за работнички права предупредуваат дека во услови на ниски плати и недоволна контрола врз работното време, дополнителната работа може да се претвори во притисок врз работниците.
Така, прашањето што го отвори заменик-министерот Ристески веќе прераснува во поширока дебата: дали економскиот развој треба да се бара преку поголем број работни денови или преку повисока продуктивност, подобри плати и заштита на времето за одмор?
Едно е сигурно – секоја евентуална промена на законското решение ќе бара соочување со синдикатите, работодавачите и работниците чии права се директно засегнати.

