ФИЛИПЧЕ ОТВОРИ ДВЕ ЖЕШКИ ТЕМИ ПРЕД МИЦКОСКИ Алта банка и наводното лицемерие околу европската интеграција

Лидерот на СДСМ го праша премиерот со кого бил направен договорот за влез на Алта банка во Македонија, а потоа го обвини дека пред странските медиуми зборува едно, а пред домашната јавност друго.

ФИЛИПЧЕ ОТВОРИ ДВЕ ЖЕШКИ ТЕМИ ПРЕД МИЦКОСКИ Алта банка и наводното лицемерие околу европската интеграција
Фото: Национал

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски на собраниската седница за пратенички прашања, отворајќи го прашањето за влезот на Алта банка во Македонија и барајќи одговор со кого бил направен договорот за нејзиното присуство во земјава. Во својата реплика, Филипче оцени дека Мицкоски избегнува конкретни одговори за случајот со Алта банка, а притоа упати и провокативна забелешка поврзана со аферата со Скај-преписките.

„Се надевам дека одговорот вака најдобронамерно нема да излезе во некоја од Скај преписките, ама тоа вие најдобро го знаете“, рече Филипче.

Покрај прашањето за Алта банка, лидерот на СДСМ го обвини премиерот за недоследност и лицемерие во изјавите поврзани со европската интеграција и националните прашања. Филипче тврдеше дека Мицкоски пред странската јавност испраќа една порака, додека пред граѓаните во Македонија настапува со поинаква реторика.

„Го потврдивте лицемерието. Вие точно кажувате, знаете и не сте го смениле мислењето, ама тоа што го кажувате на едно или и на друго место е различно. Ист ви е ставот затоа што сте знаеле и знаете дека нема предавство“, истакна Филипче.

Тој побара од премиерот да објасни зошто, како што рече, пред странските медиуми признава дека нема предавство, додека во домашната политичка дебата опозицијата ја обвинува дека е предавничка. Филипче оцени дека премиерот не е доследен во своите политички ставови и го повика јавно да ги објасни разликите во пораките што ги испраќа пред домашната и странската јавност.

„Прашањето е зошто признавате на странски медиуми дека нема предавство, а тука нè обвинувате дека сме предавници. Тоа е суштината. Тоа не е кодошење. Не сте конзистентни. Бидете конзистентни“, рече претседателот на СДСМ.

Во продолжение, тој ја спомена и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, прашувајќи како би се однесувал Мицкоски доколку таа присуствувала на собраниската седница.

„Што ако тука имаше странец? Што тогаш ќе кажевте? Еве што ако е гостинка претседателката Фон дер Лајен? Што тогаш ќе кажете?“, праша Филипче.

На крајот, тој оцени дека премиерот повторно не дал конкретни одговори на поставените прашања.

CATEGORIES
Share This