НЕ СЕ ВИНОВНИ НИТУ СЕДЛОСКИ НИТУ НИЕ Туку тие што беа пред нас во фудбалската федерација

Претседателот на ФФМ застана зад Седлоски по четирите порази, тврдејќи дека долгогодишните пропусти во македонскиот фудбал не можат да се поправат прекуноќ.

НЕ СЕ ВИНОВНИ НИТУ СЕДЛОСКИ НИТУ НИЕ Туку тие што беа пред нас во фудбалската федерација
Фото: Принтскрин

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, јавно му даде поддршка на селекторот Гоце Седлоски по критиките што следуваа по четирите порази на македонската репрезентација на стартот од Лигата Б во Лигата на нации.

Во телевизиско гостување, Омерагиќ оцени дека критиките кон селекторот се претерани и порача дека Седлоски ќе ја има поддршката од раководството на ФФМ. Според него, потребно е време играчите да се приспособат на неговиот начин на работа, карактер и фудбалска филозофија.

„Апсолутно ја има поддршката Гоце Седлоски. Јас не сум човек што луѓето вака лесно ги пушта низ вода, посебно кога ќе влезете во вакви процеси“, истакна Омерагиќ.

Тој потсетува дека Седлоски има освоено шампионски титули и национални купови како тренер.

Тој посочи дека и претходните селектори имале тежок почеток, со променливи резултати, иако се соочувале со послаби противници. Омерагиќ смета дека критиките се составен дел од фудбалот, но дека нападите врз актуелниот селектор се неоправдано остри.

Претседателот на ФФМ потсети дека Македонија во минатото со години настапувала во Ц-дивизијата на Лигата на нации, без тоа да предизвикува толку силни реакции, и наведе дека репрезентацијата претрпела и пораз од Ерменија со 0:4.

Сепак, тој очекува подобрување на играта на последните два натпревара годинава.

„Посакувам на последните два меча да видиме игра, енергија, напредок, шанси, да дојдат и головите. Нам ни се битни квалификациите за Европското првенство“, нагласи Омерагиќ.

Како примери за резултатски кризи ги посочи Босна и Херцеговина и Романија, нагласувајќи дека лоши серии има и кај други репрезентации. Според него, актуелните проблеми на македонскиот фудбал се последица и на долгогодишни пропусти во развојот на играчите.

„Сега ја плаќаме сметката на минатото неработење“, рече Омерагиќ, критикувајќи ги поранешните практики во младинските категории, за кои тврди дека имало селектори без соодветни лиценци и случаи во кои местата во младинските репрезентации се добивале со пари.

Тој оцени дека наследените проблеми не можат да се решат прекуноќ и дека е потребна долгорочна стратегија за развој на фудбалот, со поголем акцент на младите играчи и нивното постепено вклучување во сениорската репрезентација.

Омерагиќ го посочи и примерот со младиот Гаштаров, како и потребата да се воспостават јасни критериуми при изборот на репрезентативците, наместо да се занемаруваат играчите што редовно настапуваат во домашното првенство.

Првиот човек на ФФМ се осврна и на критиките за повикувањето напаѓачи од македонското првенство. Според него, статистиката на двајцата повикани шпицови е доволна причина тие да добијат шанса во националниот тим.

„Двата шпица кои се повикани од македонското првенство имаат дадено заедно 36 гола. Асистенции едниот седум, другиот пет или шест. Колку имаат другите шпицови што беа во конкуренција? Сакате фудбалски да зборуваме?“, праша Омерагиќ.

Тој нагласи дека домашната лига располага со талентирани фудбалери и дека клубовите и првенството мора да добијат поголема поддршка.

„Ако ние сами си ја потценуваме лигата, нема другите да ни ја ценат“, порача претседателот на ФФМ, додавајќи дека изборот на фудбалери треба да се заснова на нивните квалитети и статистика, а не на шпекулации за нивните семејни или лични врски.

Македонската репрезентација до крајот на годината треба да одигра уште два натпревара во Лигата на нации, додека во декември ќе ги дознае противниците во квалификациите за следното Европско првенство.

CATEGORIES
Share This