БАСКОНИЈА ГО ОТПУШТИ ГАЛБИЈАТИ Го врати Перасовиќ до 2028 година
Хрватскиот стратег по четврти пат ќе го предводи шпанскиот клуб, откако слабите резултати во Евролигата ја прекинаа соработката со италијанскиот тренер.

Хрватскиот кошаркарски тренер Велимир Перасовиќ повторно ќе седне на клупата на Басконија, откако шпанскиот клуб постигна договор со него до 2028 година.
Перасовиќ доаѓа на местото на италијанскиот стратег Паоло Галбијати, со кого Басконија денеска ја прекина соработката по слабите резултати во Евролигата.
За искусниот хрватски стручњак ова ќе биде четврти ангажман во клубот од Виторија, каде што добро ја познава средината и има оставено значајна трага.
Во досегашните три мандати, Перасовиќ ја предводел Басконија на 253 натпревари, со што се наоѓа на второто место на вечната листа на тренери според бројот на натпревари на клупата на шпанскиот клуб.
За време на претходните престои, тој освои Куп и Суперкуп на Шпанија, а сега повторно добива задача да го врати тимот на посакуваното ниво и да ги подобри резултатите во Евролигата.

