НЕ СЕ ПРОПУШТА – Од денеска на саемот на книгата над 60 издавачи и 130 промоции на едно место

Саемот на книга во Скопје стартува со богата програма и големи очекувања.

НЕ СЕ ПРОПУШТА – Од денеска на саемот на книгата над 60 издавачи и 130 промоции на едно место
Фото: Принтскрин

Со мотото „Отвори прозорец кон нови светови“, од денеска до 29 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје се одржува 38. Саем на книга, чиј почеток годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.

Во текот на седумте саемски денови, организаторите од Скопски саем очекуваат околу 30.000 посетители, повеќе од 130 промоции на нови наслови и автори, како и учество на над 60 издавачки куќи. Програмата вклучува саемски попусти, промоции на нови изданија, средби со автори, книжевни панели и интерактивни работилници.

Како што наведуваат организаторите, Саемот на книга останува еден од најзначајните културни настани во земјата, кој ја обединува читателската публика од целата држава и странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу автори, издавачи и читатели. Во последните години се забележува зголемен интерес кај младите, кои сè почесто се враќаат кон печатената книга.

Меѓу најавените странски гости се американската авторка на психолошки трилери Сара Пеканен, италијанската писателка Виола Ардоне („Возот за деца“), холандскиот автор Хајс Вилбринк, исландската авторка на трилери Ирса, како и чешкиот писател Јиржи Хајичек.

Саемот работи секој ден од 10 до 20 часот. Со секоја купена влезница се донираат средства за СОС Детско село, а билетите се достапни и онлајн.

Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам, а свеченото отворање ќе се одржи денеска во 13 часот. Саемот официјално ќе го прогласи за отворен претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во присуство на организаторите, издавачите и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

CATEGORIES
TAGS
Share This