НЕ Е СЕ НА ТАЦНА – Бруклин Бекам искрено за животот со славно презиме
Најстариот син на Дејвид и Викторија Бекам искрено за притисокот, споредбите и борбата за сопствен идентитет

По години молк и внимателно одржувана совршена јавна слика, најстариот син на Дејвид и Викторија Бекам – Бруклин Бекам во неодамнешно интервју индиректно проговори за темната страна на животот во едно од најпознатите семејства во светот.
Иако избегна директни обвинувања, Бруклин отворено зборуваше за товарот што го носи славното презиме, строгите очекувања и постојаната борба да изгради сопствен идентитет надвор од сенката на своите родители.
„Луѓето мислат дека сè ти е сервирано на тацна, но ретко кој ја гледа другата страна – притисокот, споредбите и чувството дека никогаш не си доволно добар“, признал тој.
Според Бруклин, во семејството отсекогаш се инсистирало на дисциплина, перфекција и беспрекорна јавна слика, што со текот на времето создало внатрешни тензии и чувство на емоционална дистанца.
Тој открива дека раното откажување од фудбалот не било само лична одлука, туку и обид да се ослободи од неизбежните споредби со неговиот татко – фудбалската легенда Дејвид Бекам.
„Кога те споредуваат со легенда уште пред да почнеш – тоа може да биде скршувачки“, вели Бруклин.
Иако јавноста со години ги доживува Бекамови како симбол на совршено семејство, неговите зборови откриваат поинаква реалност исполнета со недоразбирања, притисоци и борба за лична слобода, проблеми со кои се соочуваат и многу „обични“ семејства.
Сепак, Бруклин нагласува дека љубовта меѓу нив постои и денес, но и дека вистината зад затворени врати е далеку од гламурозната слика што светот ја гледа на социјалните мрежи.

