НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА – Недозволиво оперативната акција Автомобил е укината – вели Бачев

Конференцијата, иницирана од Цане Мојаноски, Гроздан Цветковски и Зоран Јовановски, се обиде да одговори на четири прашања: причините и мотивите, нарачателите и извршителите, можноста за превенција и неуспехот на државните органи во решавање на случајот.

НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА – Недозволиво оперативната акција Автомобил е укината – вели Бачев
Фото: Национал

Три децении по атентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров, денеска се одржа научна конференција на која беше констатирано дека и по толку години нема јасни одговори на клучните прашања. Се потенцираше дека инспираторите на атентатот најверојатно ќе се дознаат дури откако ќе починат, со што се aлудира на тоа дека тие сѐ уште се присутни и влијаат.

Професорот Јанко Бачев нагласи дека во периодот 1992-1995 биле испрани околу две милијарди евра преку шверц на нафта во време кога токму Киро Глигоров е најмоќниот човек во државата и кога парламентарниот го претвори во дефакто претседателски систем со целата моќ кај него. Професорот Бачев посочи три моменти, прво, ОА „Автомобил“ која била заведена по атентатот набргу недозволиво е укината, што значи дека немало систематско прибирање на информации туку се било оставено на случајно откривање на атентаторите, второ, зошто до денешен ден не е покажен стенограмот од разговорите Глигоров – Милошевиќ на 2 октомври 1995 година а кои како што е вообичаено не се водени во претседателската палата во Белград, туку во воен објект на периферијата од Белград а и самиот Глигоров во бројните изјави по атентатот никогаш до крајот на животот јавно не го репродуцираше разговорот со Милошевиќ и трето, атентатот е во едно чуствително време кога Макеоднија прави радикален надворешно-политички пресврт и во октомври 1995 станува 27 -ма членка на Натовската асоцијација „Партнерство за мир“ и јасно се определува за членство во НАТО.

Професорот Оливер Андонов смета дека атентатот бил насочен против државата, а не само против личноста на Глигоров. Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски оцени дека стратешкиот интерес за дестабилизација на Македонија во тоа време бил минимален, освен за внатрешните структури и радикални групи од Косово.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов посочи дека службите не ја сфатиле сериозноста на заканите, не истражиле кражбата на експлозивот и далечинските управувачи, а местото на атентатот не било соодветно обезбедено. Тој нагласи дека мотивите биле политички и за да се запре евроатлантскиот пат на Македонија, а потенцијалните српски интереси биле поврзани со ситуацијата во БиХ и Косово.

Ставре Џиков, поранешен државен јавен обвинител, рече дека Глигоров бил незадоволен од истрагата и бил прв што формално разговарал за атентатот. Новинарката Снежана Лупевска-Созен истакна дека многу важно било што се случувало додека Глигоров се лекувал, и дека постоеле предупредувања за нов обид за атентат во април 1992 година, но информациите не биле преземени сериозно.

Зоран Петров, автор на првата книга за атентатот, смета дека зад него се криеле големи пари, поврзани со шверц и организиран криминал. Зоран Доревски, поранешен главен инспектор за обезбедување на претседателот, посочи недоволно истражени траги, како идентификација на келнер кој служел на извршителите и потеклото на песокот користен во бомбата.

Љубомир Гајдов, еден од организаторите на конференцијата, цитираше изјави на Глигоров кои укажуваат на негодување кон власта и бизнис интересите на функционерите, што можеби било дел од мотивите за атентатот. Тој најави дека следи меѓународна конференција за појаснување на овие прашања.

Конференцијата, иницирана од Цане Мојаноски, Гроздан Цветковски и Зоран Јовановски, се обиде да одговори на четири прашања: причините и мотивите, нарачателите и извршителите, можноста за превенција и неуспехот на државните органи во решавање на случајот.

CATEGORIES
TAGS
Share This