НАТО НЕМА ДА ПРЕЖИВЕЕ Мрачното предупредување што ја тресе Европа
Поранешниот германски министер за надворешни работи предупредува дека Алијансата се соочува со најголемата криза во својата историја

Поранешниот германски министер за надворешни работи Јошка Фишер предупреди дека Соединетите Американски Држави се „ефикасно на пат кон излегување“ од НАТО, оценувајќи дека таквиот развој би ја принудил Европа да преземе значително поголема одговорност за сопствената безбедност. Во интервју за медиумската група „Функе“, Јошка Фишер изрази сомнеж за долгорочната стабилност на Алијансата во нејзината сегашна форма, особено доколку Доналд Трамп остане на власт во САД. Според него, европските лидери и раководството на НАТО во моментов се обидуваат да го задржат американското учество во Алијансата, но нема гаранции дека таа структура ќе опстане на долг рок.
„Европските шефови на држави и влади, како и генералниот секретар на НАТО, се обидуваат да го задржат Доналд Трамп во ‘тимот’. Тоа е разбирливо, но не гледам алтернатива. Сепак, не верувам дека НАТО ќе преживее вака на долг рок“, изјави Фишер за „Тагесшпигел“.
Тој предупреди дека во случај на намалено или целосно повлекување на САД, Европа ќе мора да ја „европеизира“ Алијансата и да се потпре на сопствени безбедносни капацитети, вклучително и нуклеарно одвраќање базирано на Франција и Велика Британија. Фишер истакна дека европските држави не можат на долг рок да се потпираат на американскиот нуклеарен чадор и дека безбедносната архитектура на континентот би морала да биде суштински реорганизирана.
„Во моментов се води политика на прилагодување кон американскиот претседател за да се зачува единството на НАТО, но не сум сигурен дека тоа ќе биде доволно во услови на поголеми кризи“, додаде тој.
Како можен правец на развој, Фишер предлага европскиот дел од НАТО да остане интегриран, заедно со Канада, и да се зачуваат постојните механизми и процедури, но во нова безбедносна рамка. Јошка Фишер беше министер за надворешни работи и вицеканцелар на Германија во периодот од 1998 до 2005 година.


