НАРУШЕНА ПРИВАТНОСТ – Принцот Хари и јавни личности го тужат „Дејли мејл“
Тужителите обвинуваат дека „Дејли мејл“ користел приватни истражители за прислушкување телефони, пресретнување пораки и прибирање доверливи податоци.

Правните застапници на британскиот принц Хари и уште шест јавни личности поднеле тужба против издавачот „Асошиејтед њузпејперс лтд.“ – сопственик на „Дејли мејл“ и „Мејл он сандеј“, за „јасно, систематско и долгорочно незаконско собирање информации“ со цел објавување статии.
Принцот Хари во тужбата наведува дека бил подложен на „застрашувачко нарушување на приватноста“, што имало негативно влијание врз неговите лични односи и предизвикало чувство на изолација и параноја.
Меѓу тужителите се и Дорин Лоренс, мајка на убиениот Стивен Лоренс, музичарот Елтон Џон и неговиот сопруг Дејвид Фурниш, како и глумиците Елизабет Харли и Сејди Фрост и поранешниот пратеник Сајмон Хјуз.
Според судските документи, нелегалните дејствија вклучувале ангажирање приватни истражители за прислушкување телефони, пресретнување гласовни пораки и прибирање доверливи податоци, како телефонски сметки и медицински картони, преку измама.
Принцот присуствуваше на почетокот на судењето во Високиот суд во Лондон, кое се темели на 14 новински написи за кои тужителите тврдат дека се создадени со недозволени методи.
Адвокатот на тужителите, Дејвид Шерборн, истакна дека незаконските практики на двата весника траат повеќе од 20 години и дека е уништена значителна документација, вклучувајќи е-пораки од пред 2004 година.
Судењето започна во октомври 2022 година и се очекува да трае до 10 недели, со трошоци што можат да достигнат 38 милиони фунти.

