НАЦИОНАЛНАТА ПОТРЕБА ИСПОЛНЕТА – Конечено донесена Стратегија за соработка со нашинците во светот

Дијаспората повеќе не е „замината“, туку мост и партнер во развојот на државата

НАЦИОНАЛНАТА ПОТРЕБА ИСПОЛНЕТА – Конечено донесена Стратегија за соработка со нашинците во светот
Фото: Национал

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчераво владината свечена сала го претстави предлог-текстот на новата „Национална стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030“. Овој документ е петгодишен план за унапредување на соработката со македонската дијаспора, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство.

„Денес не претставуваме само документ, туку и нашата обврска, зрелост и одлучност како држава конечно, системски и долгорочно да им посветиме внимание на нашите граѓани надвор од границите. Македонската дијаспора е најголемата, најсилната и најраспространетата мрежа што ја има нашата земја“, истакна Муцунски.

Министерот подвлече дека Стратегијата не е резултат на затворени процеси, туку е создадена во партнерство со институции, експерти, организации, професионалци и, најважно, со самата дијаспора.

„Ова значи дека Владата ги слуша вашите потреби, предлози и критики. Стратегијата носи модерна, дигитална, достапна и доверлива администрација, создава систем, а не импровизација; партнерство, а не протокол; долгорочна визија, а не ад-хок мерки“, додаде тој.

Муцунски нагласи дека културата е најсилниот дипломат на државата, бидејќи ја пренесува нејзината душа и идентитет кој продолжува да живее преку дијаспората. Поддршката за културата, образованието и јазикот е клучна, бидејќи токму јазикот и знаењето ја чуваат посебноста на македонскиот народ во глобализираниот свет.

Стратегијата исто така ја зајакнува националната самобитност преку развојот на спортот и спортската дипломатија, чиј успех допира до милиони. Со инклузивниот пристап при изработката на документот, државата се гради заедно со сите граѓани, без разлика дали живеат во земјата или во странство, гледајќи на дијаспората не како на „заминати“, туку како мостови на соработка, амбасадори и партнери.

Покрај министерот Муцунски, на јавната дебата се обратија и неколку министри од клучни ресори, важни за унапредување на односите со дијаспората.

На крајот, претставниците на дијаспората, граѓанскиот сектор и академската заедница имаа можност да дебатираат за темите опфатени во Стратегијата, која во наредните денови ќе биде отворена за јавноста. Секој заинтересиран ќе може да даде дополнителен придонес за нејзино понатамошно усовршување.

CATEGORIES
TAGS
Share This