МУЦУНСКИ: ПРОТОКОЛИТЕ НЕ СЕ ДЕЛ ОД ПРЕГОВАРАЧКАТА РАМКА СО ЕУ – Османи ликува: Тоа го зборував цело време
Изјавата на шефот на македонската дипломатија предизвика реакција кај неговиот претходник, кој порача дека сега е потврдено неговото долгогодишно тврдење.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека билатералните протоколи со Бугарија не се составен дел од Преговарачката рамка со Европската Унија. Неговата изјава предизвика реакција кај неговиот претходник на функцијата, Бујар Османи, кој преку објава на Фејсбук оцени дека со ова Муцунски го потврдил ставот што тој, како што наведува, го застапувал во изминатиот период.
Муцунски посочи дека Северна Македонија континуирано комуницира со земјите членки на ЕУ, европските институции и Бугарија, со цел да се најде решение за деблокирање на евроинтегративниот процес. Според него, најголемиот дел од активностите се познати во јавноста, но деталите од разговорите не можат да бидат објавени.
„Доколку поединечните разговори ги водиме пред јавноста, тоа не би нѐ довело никаде. Ние немаме друга алтернатива освен да бараме решение“, изјави Муцунски.
Тој нагласи дека Владата не се откажала од напорите за изнаоѓање решение и дека секој договор мора да биде во согласност со принципите што јавно ги застапува.
„Дали работиме на решение? Секако. Не сме престанале да работиме на изнаоѓање праведливо и одржливо решение во изминатите две години“, рече министерот.
На прашањето дали има напредок во разговорите, Муцунски оцени дека постои позитивен импулс, но засега нема конкретен договор кој би можел да биде презентиран пред јавноста.
„Додека не се согласат сите вклучени страни, станува збор само за разговори. Сметаме дека деблокадата на процесот и потребата земјата да ги започне пристапните преговори со ЕУ се од стратешко значење за државата, регионот и за Европската Унија“, истакна тој.
Во изминатиот период и евроамбасадорот Михалис Рокас и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова потврдија дека зад затворени врати се водат разговори за надминување на спорот со Бугарија, кој го блокира европскиот пат на земјата.
Муцунски го сподели ставот на претседателката Сиљановска-Давкова дека самото усвојување на уставните измени не претставува гаранција дека во иднина нема да се појават нови пречки на патот кон ЕУ. Претседателката неодамна изјави дека 30 септември би можел да биде важен датум за иднината на политиката на проширување, кога Европската комисија треба да го претстави новиот пристап кон процесот. Таа како извор на дел од проблемите го посочи Протоколот 2.
Муцунски, пак, оцени дека во Преговарачката рамка нема ниту експлицитна ниту имплицитна одредба која го регулира моментот на стапување во сила на уставните измени.
„Немало момент во последните две години кога за ова прашање не сме разговарале со земјите членки на ЕУ, европските институции и со Бугарија, со која го имаме овој билатерален проблем. Разговорите ќе продолжат, но немаме намера да правиме отстапки поврзани со националниот интерес, историјата и идентитетот“, нагласи Муцунски.
Тој додаде дека, според неговото толкување како министер за надворешни работи и правник, протоколите не се составен дел од Преговарачката рамка.
На изјавата на Муцунски реагираше неговиот претходник Бујар Османи. Тој преку објава на социјалните мрежи оцени дека министерот сега го потврдил токму она што, според него, тој го говорел во текот на целиот свој мандат. Османи ја искористи изјавата за да го нагласи својот став дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка и дека нивната улога во процесот на европска интеграција била погрешно интерпретирана.
Говорејќи за неформалните документи кои во последно време се појавуваат во Брисел, Муцунски оцени дека во Европската Унија се води засилена дебата за иднината на политиката на проширување. Според него, во последниот период има зголемен број на нон-пејпери и предлози за промена на актуелниот модел.
„Очигледно е дека по самитот во Тиват и по германско-францускиот нон-пејпер се појави потреба од редимензионирање на политиката за проширување“, рече Муцунски.
Тој смета дека сегашниот модел е застарен и дека се потребни модификации, особено во услови на новата геополитичка реалност по руската инвазија врз Украина.
Муцунски истакна дека прашањата поврзани со човековите права и положбата на Македонците во Бугарија остануваат високо на агендата на македонската дипломатија. Тој посочи дека Северна Македонија активно ги отвора овие прашања во Советот на Европа и инсистира на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Активни сме по повеќе предмети, меѓу кои и оние поврзани со ОМО Илинден-Пирин и други организации во Бугарија. Иако не сме странка во тие постапки, имаме право да ги изнесуваме нашите ставови и активно го правиме тоа во Комитетот на министри“, рече Муцунски.
Тој потсети дека Северна Македонија во 2028 година ќе го преземе претседавањето со Советот на Европа, а подготовките за тоа веќе се во тек.
Во однос на регионалната безбедност, Муцунски изјави дека надлежните институции досега немаат конкретни информации за безбедносна закана кон Северна Македонија. Ова следува во период на зголемени тензии на Блискиот Исток и откако Иран ја предупреди Бугарија дека може да ја смета за непријателска држава поради најавеното распоредување американски воени авиони на нејзина територија.
„Во согласност со податоците што ги добивме од надлежните безбедносни институции, нема конкретна информација за закана кон нашата држава“, изјави Муцунски.


