МПЦ-ОА МУ ОДГОВОРИ НА ВУЧИЌ Црквата е отворена за сите, но…
Светиот архијерејски синод порача дека МПЦ-ОА ја остварува својата духовна и пастирска мисија на својата канонска територија, без оглед на националната, политичката, културната или етничката припадност.

По неодамнешната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, дадена во Мркоњиќ Град, во која тој посочи дека „Српската Црква е иста и во Скопје“, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија излезе со реакција.
Од МПЦ-ОА порачаа дека Црквата ја остварува својата духовна и пастирска мисија кон сите православни христијани на својата канонска територија, без оглед на нивната национална, политичка, културна или етничка припадност.
„Длабоко свесна за својата историска улога и одговорноста во духовниот живот на македонскиот народ, а водена од евангелските начела и богатото православно предание, таа останува Црква отворена за сите“, се наведува во реакцијата.
Од Синодот додаваат дека МПЦ-ОА ги обединува своите верни во единството на верата и евхаристиското заедништво, надминувајќи ги, како што велат, сите минливи политички, идеолошки и општествени поделби.
„Евангелието Христово, верата во Воскресението и благосостојбата на доверените души се основната и единствена водилка во дејствувањето на МПЦ-ОА. Црквата ги отфрла сите политички, идеолошки и други светогледи или платформи, од каде и да доаѓаат“, порача Светиот архијерејски синод.

