МИНИСТРИ ОТПАТУВАА ЗА ПАРИЗ ВО УНЕСКО – Дивоградби дома, има ли спас за Охрид

Додека министрите уверуваат во Париз, дивоградбите, урбанистичкиот хаос и игноранцијата кон препораките на УНЕСКО продолжуваат дома

МИНИСТРИ ОТПАТУВАА ЗА ПАРИЗ ВО УНЕСКО – Дивоградби дома, има ли спас за Охрид
Фото: Национал

Од Владата утрово информираа дека четворица министри и двајца градоначалници отпатувале во Париз, во седиштето на УНЕСКО, со цел да спречат Охридскиот Регион да биде прогласен за загрозено светско културно наследство. Но, на терен состојбата останува непроменета и институциите со години не преземаат конкретни мерки што би го оправдале овој енормен трошок на грбот на државата.

Хотелот „Горица“ и натаму се гради, изменетите детални урбанистички планови со кои се легализираше урбанистичкиот хаос не се укинати, а Државниот завод за ревизија утврди сериозен јавашлук во Општина Охрид и непочитување на законите, слабо управување со културното наследство и непотврдени финансиски извештаи. Затоа се наметнува дилемата: дали функционерите заминаа во Париз за да одиграат театар за домашната јавност или, пак, навистина сакаат да спречат Охрид да добие статус на загрозено наследство со што би добиле уште малку време за понатамошно градење, доградување, узурпации и уништување на регионот, во корист на поединечни бизнис-интереси.

Не е случајно што јавноста за оваа посета дозна дури денес, кога таа веќе е во тек, ниту пак што никој од министрите и градоначалниците не излезе со јасни аргументи и со што конкретно ќе ги убедуваат претставниците на УНЕСКО дека државата навистина презема мерки, а не само користи празна реторика.

Посетата доаѓа по третата расправа за Охридскиот Регион во рамки на УНЕСКО, кога Комитетот ѝ даде последна шанса на Владата, со обврска до февруари годинава да исполни конкретни задолженија и да достави извештај за сработеното, пред да се донесе конечна одлука за ставање на регионот на Листата на загрозено светско наследство. Што точно ќе презентираат денес и утре во Париз не е познато, но добро се знае што УНЕСКО побара уште лани.

Меѓу клучните барања беа итно зајакнување на заштитата на Студенчишкото Блато, целосно стопирање на сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина, вклучително и кај хотелскиот комплекс „Горица“, како и ревизија на предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата. Во нацрт-одлуката, Комитетот констатира дека „продолжува деградацијата на атрибутите поради кои Охридскиот Регион е впишан како светско наследство“ и побара итно спроведување на препораките од реактивната мониторинг мисија.

Дополнително, УНЕСКО инсистираше на изработка на сеопфатна проценка на кумулативните влијанија од инфраструктурните и развојните проекти, меѓу кои и железничката траса на Коридорот 8 врз регионот, која треба да биде доставена до Центарот за светско наследство.

За претераната урбанизација, како една од најсериозните забелешки, најилустративен е извештајот на Државниот завод за ревизија. Во него се наведува дека за 4.847 бесправни објекти биле донесени решенија за одбивање на урбанистичка согласност, но без да се преземат мерки за нивно отстранување, иако од 2019 до 2024 година биле издадени 456 правосилни акти за уривање на нелегални градби. Со тоа, не е исполнета обврската за целосен инвентар, проценка на влијанието и отстранување на дивоградбите, особено во Националниот парк „Галичица“.

Ревизорите дополнително посочуваат дека не е донесен урбанистички план за крајбрежниот појас од 50 метри, како и дека Годишната програма за урбана опрема за 2024 година е усвоена без позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство.

И покрај сето ова, од Владата велат дека во Париз ќе ги „потенцираат цврстите заложби за зачувување на статусот на Охридскиот Регион“, дека се воспоставува систем за заштита и дека се вложуваат „максимални напори“ за спроведување на препораките од реактивните мисии и Стратегискиот план за рехабилитација.

Кои се тие мерки, каква е таа заштита и кои планови реално се спроведуваат останува нејасно. Факт е, пак, дека 39 невладини организации минатата година побараа Охридскиот Регион да биде прогласен за загрозено светско наследство како последна шанса за негов спас. Тој статус би значел директна интервенција на УНЕСКО, дополнителни фондови и постојан мониторинг. За оние што го ставаат личниот и бизнис-интересот пред јавниот, тоа очигледно не е прифатливо бидејќи додека статусот е само „закана“, уништувањето и профитот можат непречено да продолжат.

CATEGORIES
Share This