МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА – Знаењето на професионалците е клучно за стабилноста на енергетскиот систем

Божиновска најави продолжување на поддршката за едукативни проекти и модернизација на институцијата.

МИНИСТЕРКАТА БОЖИНОВСКА – Знаењето на професионалците е клучно за стабилноста на енергетскиот систем
фото: Принтскрин

Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, денеска во Битола учествуваше на промотивниот настан „Вештина на иднината“, организиран од АД ЕСМ. Таа потенцираше дека вложувањето во човечкиот капитал е подеднакво значајно како и инвестирањето во инфраструктурата.

Програмата, поддржана од ЕБОР, им овозможи на повеќе од 600 вработени во АД ЕСМ да стекнат нови вештини и компетенции. Божиновска истакна дека токму знаењето на професионалците претставува клучна гаранција за стабилноста на енергетскиот систем.

„Енергетската трансформација не започнува со технологијата, туку со луѓето. Можеме да градиме капацитети, да инвестираме во инфраструктура и да носиме стратегии, но без обучени професионалци, трансформацијата ќе остане само план на хартија. Со новите знаења на над 600 вработени, АД ЕСМ станува посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат“, рече министерката.

Таа додаде дека модернизацијата е континуиран процес кој бара постојано надградување и партнерство, најавувајќи продолжување на поддршката за вакви едукативни иницијативи.

Претходно, министерката Божиновска оствари средба со градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски на која се разговараше за иднината на енергетскиот сектор во Битола, новиот Закон за енергетика, кој опфаќа широк спектар на одговорности за државата и општините, како и за можностите за имплементација на мерки за енергетска ефикасност во јавните институции. Беше нагласена и важноста од вклучување на индивидуалните објекти во процесот за подобрување на енергетската ефикасност.

Дел од регулативите се содржани и во Општинскиот енергетски план за 2026 година, кој ќе биде разгледан на наредната седница на Советот на Општина Битола.

Градоначалникот Коњановски истакна дека Битола ќе продолжи да реализира проекти кои ја зголемуваат енергетската ефикасност и го зацврстуваат статусот на град со модерни технологии и иновации.

CATEGORIES
Share This