МИЛИОНСКА ЗДЕЛКА ВО ЦЕНТАРОТ НА СКОПЈЕ Кој го купи легендарниот хотел „Бристол“
Сумата на продажбата засега останува тајна, а нов сопственик на историскиот хотел е фирма основана во 2024 година.

АД „Македонијатурист“ го продаде хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје, а според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, нов сопственик на објектот е компанијата „ГМ Проперти“. Засега не е позната вредноста на купопродажбата, а деталите за трансакцијата евентуално би можеле да бидат објавени во следниот период преку известување на Македонската берза.
„ГМ Проперти“ е компанија основана во октомври 2024 година со дејност поврзана со услужниот сектор. Според достапните податоци од Централниот регистар, фирмата во првата година од работењето немала остварени приходи, но има евидентирана финансиска изложеност преку банкарски кредит во износ од 5 милиони евра.
Како единствен сопственик на компанијата во моментов е наведен Емил Кратовалиев, член на Управниот одбор на „Уника“ (Друштво за осигурување СИГАЛ Иншуренс Груп АД Скопје). Меѓу основачите на „ГМ Проперти“ бил и Зоран Антиќ, сопственик на „МГ Фешн“ и акционер во „Македонијатурист“, но тој се повлекол од сопственичката структура во текот на есента минатата година.
Одлуката за продажба на хотелите „Бристол“ и „Јадран“ (познат како Арапска куќа), како и дополнителен недвижен имот во централното градско подрачје, била донесена во мај. Таа била усвоена на Собрание на акционери одржано на 22 мај, а информацијата била објавена преку Македонската берза.
Хотелот „Бристол“ претставува еден од најзначајните историски објекти во Скопје и се смета за најстар зачуван хотел во градот. Изграден е во 1923 година по иницијатива на познатите скопски трговци Атанас (Ташко) и Ристо Караџа, а официјално бил отворен на 24 април 1924 година.
Објектот се наоѓа на денешната улица „Македонија“, во близина на некогашната Железничка станица, а низ историјата бил едно од главните места за престој на патници, трговци, дипломати и јавни личности кои го посетувале Скопје. Во периодот меѓу двете светски војни, како и во децениите потоа, „Бристол“ бил препознатлив симбол на градскиот и боемскиот живот.
Хотелот располага со 33 соби, ресторан и други придружни содржини, а неговото значење не се поврзува само со туристичката функција, туку и со културното и историското наследство на главниот град.


