ИМАТЕ ПАРИ ЗА ВРАЌАЊЕ ИЛИ ДОЛГ КОН УЈП Еве како да проверите

Над 208 илјади граѓани имаат обврска за доплата, а повеќе од 313 илјади имаат право на поврат на данок – УЈП повикува на проверка преку е-Даночни услуги

ИМАТЕ ПАРИ ЗА ВРАЌАЊЕ ИЛИ ДОЛГ КОН УЈП Еве како да проверите
Фото: Принтскрин

Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека генерирала вкупно 863.100 Годишни даночни пријави (ГДП) за 2025 година, кои се достапни преку системот е-Даночни услуги. Од нив, 704.443 пријави се поставени на корисничките профили на граѓаните кои се регистрирани на порталот, додека останатите се однесуваат на лица кои сè уште немаат креирано кориснички профил и не можат да извршат увид во својата пријава, да ги проверат податоците и да го преземат налогот за плаќање.

УЈП ги повикува сите физички лица кои немаат активен профил на е-Даночни услуги веднаш да се регистрираат и да ја проверат својата Годишна даночна пријава.

„Увидот во пријавата е право, но и одговорност на секој даночен обврзник. Само преку системот граѓаните можат да проверат дали имаат обврска за доплата или право на поврат на данок“, посочуваат од УЈП.

Од вкупно 704.443 достапни пријави, 26.653 биле потврдени лично од даночните обврзници, додека 1.145 пријави биле коригирани од страна на граѓаните, по што за нив тековно постапуваат службени лица во УЈП. Останатите 676.645 пријави биле службено потврдени од Управата.

Според УЈП, големиот број службено потврдени пријави покажува дека значителен дел од граѓаните не извршиле личен увид во податоците. Иако законската регулатива дозволува службено потврдување, тоа значи дека даночниот обврзник не извршил проверка и не се произнел за точноста на пријавените податоци.

Годишните даночни пријави се изготвуваат врз основа на податоците доставени од исплатувачите на приходи. Доколку одредени приходи не се внесени или се внесени со грешки, граѓаните можат навремено да ги забележат и коригираат само доколку ја прегледаат својата пријава.

УЈП предупредува дека непроверените и службено потврдени пријави можат да доведат до подоцнежно откривање на грешки, неточни износи и дополнителни даночни обврски.

Според податоците на Управата, од вкупно 704.443 ГДП за 2025 година:

  • 208.857 пријави покажуваат обврска за доплата на данок во вкупен износ од 208.984.603 денари;
  • 313.519 пријави покажуваат повеќе платен данок, односно право на поврат во вкупен износ од 53.910.496 денари;
  • 182.067 пријави се без разлика во износ, односно данокот бил правилно пресметан и наплатен во текот на годината.

Од граѓаните кои имаат повеќе платен данок, 617 даночни обврзници поднеле барање за враќање на средства во вкупен износ од 32.397.022 денари.

Вкупниот пријавен доход утврден во Годишните даночни пријави за 2025 година изнесува 612.866.663.282 денари, додека вкупно пресметаниот данок на личен доход изнесува 39.817.189.183 денари.

За споредба, во 2024 година бил пријавен доход од 538.741.195.257 денари, со пресметан данок на личен доход од 34.960.971.215 денари.

Тоа значи дека во 2025 година вкупниот пријавен доход е зголемен за околу 74,1 милијарда денари, а пресметаниот данок на личен доход е зголемен за 4,86 милијарди денари во однос на претходната година.

CATEGORIES
TAGS
Share This