МИЦКОСКИ УДРИ ПО ФИЛИПЧЕ Првпат се согласувам со тебе – не сме исти

Премиерот со жесток одговор до лидерот на СДСМ: „Никогаш не би сакал да бидам ист со куклата на луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија“

МИЦКОСКИ УДРИ ПО ФИЛИПЧЕ Првпат се согласувам со тебе – не сме исти
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека за првпат се согласува со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оти тој и опозицискиот лидер „не се исти“.

Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на Филипче, рече дека не би сакал да биде како, како што ги нарече, „луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија“.

„Јас можам првпат да се согласам со претседателот на СДСМ дека не сме исти. Јас никогаш не би сакал да бидам ист со куклата на луѓето кои ја уништија и ограбија Македонија. Ниту во најлошиот сон не би сакал тоа да бидам“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека граѓаните, според него, можат да ја препознаат разликата меѓу актуелното раководство на СДСМ и Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Еве, првпат можам да се согласам дека не сме исти. И точно, граѓаните можат да направат разлика меѓу ова раководство на СДСМ, кое го води куклата на оние кои ја уништија и ограбија Македонија, и Владата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, рече премиерот.

Пред четири дена лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти во односот кон државата и граѓаните. Според него, додека СДСМ обезбедувал мерки за поддршка во време на криза, актуелната власт троши средства на, како што обвини, „криминални тендери“ и проекти без интерес за граѓаните.

„Не сме исти. Ние ја сфаќаме државата како место во кое секој треба добро и квалитетно да живее, а тие ја сметаат за плен“, рече тогаш Филипче.

CATEGORIES
Share This