БУРА ВО ДУИ ПО СУДЕЊЕТО НА ГРУБИ „Вреди“ тврди дека бил притискан да признае вина и да се откаже од политиката
Спогодба со Обвинителството, продолжен куќен притвор и прашања за Перпарим Бајрами – „Вреди“ тврди дека зад случајот се одвива жестока политичка пресметка.

По вчерашното прво судско рочиште против Артан Груби, од „Вреди“ велат дека се отвораат сериозни прашања за случувањата зад сцената и за наводните обиди процесот да биде завршен преку спогодба со Обвинителството.
Од партијата тврдат дека Груби бил убедуван да признае вина и да прифати поблага санкција, но за возврат да се откаже од политичките амбиции за преземање на раководството на ДУИ.
Според нивните информации, Али Ахмети проценил дека судскиот процес носи голем ризик за ДУИ, особено поради можноста Груби преку медиумски настапи да влијае врз рејтингот на партијата. Од „Вреди“ додаваат дека Груби наводно имал договорено интервјуа, бидејќи бил убедуван дека против него нема да биде поднесено обвинение, по што, како што велат, следувало непријатно изненадување.
Партијата оценува дека продолжувањето на мерката куќен притвор претставува дополнителен притисок врз Груби да прифати спогодба пред почетокот на судењето.
Од „Вреди“ посочуваат и на составот на адвокатските тимови на обвинетите, тврдејќи дека меѓу нив има повеќе правосудни „играчи“ од времето на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Според партијата, тоа е сигнал дека во ДУИ се користат сите расположливи средства за справување со случајот.
Дополнително, од „Вреди“ прашуваат зошто не е обезбедено присуството на Перпарим Бајрами, кој го опишуваат како прв соработник на Груби. Во ист контекст, тие ја отвораат и дилемата дали преквалификацијата на делото претставува порака до Али Ахмети дека за, како што велат, „матните игри“ следуваат контраудари.
Од „Вреди“ тврдат и дека Бујар Османи не бил задоволен од развојот на ситуацијата, оценувајќи дека на одредени меѓународни адреси, наводно, биле препознаени неговите активности зад медиумските брифинзи.
„Јасно е дека за мафијашкото политбиро во ДУИ допрва доаѓаат тешки денови“, порачаа од „Вреди“.

