МИЦКОСКИ ОТКРИ ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА СО ГОРИВАТА Ќе има поскапување, но Владата подготвува мерка
Светските цени на нафтата и курсот на доларот ќе влијаат врз цените, но Владата најавува интервенција со намалување на акцизите за дизелот и бензините.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува ново зголемување на цените на горивата поради случувањата на Блискиот Исток и растот на светските берзански цени на нафтата, но најави дека Владата ќе преземе мерки за ублажување на ударот врз граѓаните.
Мицкоски посочи дека во изминатата недела значително пораснале цените на нафтата и бензините, а дополнителен фактор е и посилниот курс на американскиот долар.
„Немаме направено точна калкулација за покачувањата, но сигурно ќе има промени, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа во изминатиот период. Дополнително, доларот е посилен во однос на претходната недела“, изјави премиерот при посетата на Дебрца.
Тој нагласи дека Владата ја продолжила кризната состојба за уште три месеци, што овозможува преземање мерки, меѓу кои и намалување на акцизите за дизелот и безоловните горива.
Новите малопродажни цени на горивата се очекува да ги објави Регулаторната комисија за енергетика во понеделник, а тие ќе важат во наредните седум дена.


