МИЦКОСКИ НАЈАВИ ЕКОНОМСКИ РАСТ ДО 4 ОТСТО Убеден сум дека ќе го достигнеме

По растот од 3,7 отсто во првото полугодие, премиерот очекува до крајот на годината економијата да достигне раст меѓу 3,5 и 4 отсто, со ниска инфлација.

МИЦКОСКИ НАЈАВИ ЕКОНОМСКИ РАСТ ДО 4 ОТСТО Убеден сум дека ќе го достигнеме
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски очекува македонската економија годинава да оствари раст меѓу 3,5 и 4 отсто, повикувајќи се на резултатите од првата половина од годината.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека особено охрабрува тоа што проценките за економскиот раст на Македонија биле ревидирани нагоре. Според него, во разговорите со претставници на Светска банка било посочено дека Македонија е единствената земја во регионот за која е направена нагорна корекција на прогнозата.

„Јас сум убеден дека оваа година растот на бруто-домашниот производ ќе биде меѓу 3,5 и 4 отсто“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека почетната проекција за растот на БДП изнесувала 2,6 отсто, по што била зголемена на 2,9 отсто, а вчера повторно била ревидирана, на 3,2 отсто.

Како аргумент за својата проценка, премиерот го посочи остварениот раст од 3,7 отсто во првото полугодие. Во првиот квартал економијата пораснала за 3,1 отсто, додека во вториот квартал растот достигнал 4,3 отсто.

Мицкоски очекува и инфлацијата да остане на ниско ниво, со што Македонија, како што рече, би можела да се најде меѓу земјите со најниска стапка на инфлација во регионот и во Европа.

CATEGORIES
Share This