МИЦКОСКИ НАЈАВУВА – Корумпираното судство ќе се чисти по изборите
Премиерот, исто така, критикуваше дека реформите во судството во минатото се сведувале само на покачување на платите, без суштински промени

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека по локалните избори ќе се најдат правни механизми за отстранување на судии и обвинители кои, според него, се генератори на корупција во земјава. Ова е последна во серијата негови најави за темелни промени во правосудството, кои почнаа уште крајот на минатата година со ветувања за „робусни акции“ во судството.
Најавата доаѓа по реакцијата на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ на условната осуда на онкологот Мери Пешевска во случајот „Онкологија“. Мицкоски истакна дека менувањето на дел од обвинителите и судиите ќе се спроведе без оглед на јавните критики, бидејќи, според него, овие лица претставуваат последен бастион во одбраната на функционери од поранешната Влада.
– „Со овие неколкумина судии и обвинители што се последен бастион во одбрана на поранешната Влада на СДСМ и ДУИ, правдата е невозможна. По локалните избори ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика на критиките. Мора да имаме обвинители кои ќе обвинуваат и судии што ќе судат според законот и Уставот,“ изјави Мицкоски за време на посетата на скопската општина Ѓорче Петров.
Тој ги обвини СДСМ и ДУИ за заштитнички став кон дел од судиите и обвинителите и оцени дека нивното политичко влијание го одржува корумпираното судство.
„Не очекувам од оние што ги поставиле овие судии и обвинители да имаат поинаков став од оној што го имаат – заштитнички. Тоа се политичари кои стојат во одбрана на криминалот од минатото,“ додаде Мицкоски.
Премиерот, исто така, критикуваше дека реформите во судството во минатото се сведувале само на покачување на платите, без суштински промени:
„Јавноста виде дека зголемувањето на платите не е реформа. Дали луѓето кои ја генерираат корупцијата ја заслужуваат таа плата?“ рече Мицкоски.
Во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ се најави „одлучна акција“ во правосудството:
„До Нова година, ако нема резултати во борбата против корупцијата, ќе преземеме коренити промени. Судството и обвинителството се под влијание на клановите Заеви и Ахмети, кои држат судии и обвинители заради својот криминал,“ се вели во соопштението.
Ставовите на Мицкоски наидоа на реакции и од опозициската СДСМ, која обвини дека власта го партизира судството и ги закочи реформите.
„Мицкоски одби да донесе неопходни реформи и покажува дека сака заробено и послушно судство. Без независни институции нема правда,“ соопшти партијата. Лидерот на СДСМ го обвини премиерот дека е директно одговорен за состојбите во судството, оти неговата влада не спровела ниту една реформа.
Мицкоски, пак, минатата година остро критикуваше дека досегашната толеранција на неправилности го поттикнува криминалот и најави дека процесот на разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски ќе продолжи по локалните избори.
„Додека имаме вакви судии и обвинители, корупцијата ќе цвета. Време е за робусна акција и нови чекори,“ изјави премиерот.


