МИЦКОСКИ ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ Подготвени сме да прифатиме една изборна единица и барањата на опозицијата
Премиерот вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено на компромис за да се донесе новиот Изборен законик, но обвини дека дел од опозицијата го блокира процесот.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да го поддржат моделот со една изборна единица, како и предлозите на Левица за поголемо финансирање на изборните кампањи за помалите политички партии, доколку тоа овозможи усвојување на новиот Изборен законик.
Тој посочи дека на вчерашната средба во Собранието ВМРО-ДПМНЕ повторно го истакнала својот став дека овозможувањето гласање на дијаспората претставува стратешки приоритет. Според него, сепак, дел од политичките партии настапиле со позиции кои не оставаат простор за постигнување договор.
„Имаше вчера состанок во рамките на Парламентот. Ние како политичка партија јасно дадовме до знаење дека поширокото гласање е наша стратешка цел. Од друга страна, дел од политичките партии излегоа со сосема радикализирани позиции. Едната беше да се гласа со државен консензус, што за нас не е прифатливо. Практично, тоа е позиција со која некој однапред не сака да има договор“, изјави Мицкоски.
Осврнувајќи се на предлозите на Левица и СДСМ, премиерот рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема пречка да ги прифати, доколку тоа придонесе за донесување на законските измени.
„Нашиот став е јасен. Ако сакаат повеќе пари, добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. Потоа ќе се согласиме и за една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и нивните коалициски партнери“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека демократијата подразбира носење одлуки со мнозинство, а не со консензус.
„Никој принципиелно не одлучува со консензус, освен во еднопартиски систем. Демократијата значи мнозинството да носи одлуки. Не сме консензуална држава“, рече премиерот.
Мицкоски истакна дека Владата останува на предлогот за воведување гласање по пошта за дијаспората, по примерот на повеќе земји членки на Европската Унија.
Тој оцени и дека дел од опозициските партии се обидуваат да го блокираат донесувањето на Изборниот законик поради, како што рече, „страв од пораз на следните парламентарни избори“, со што, според него, се забавува исполнувањето на реформските обврски на државата.


