МЕДИУМСКАТА СЛОБОДА ПОД ПРИТИСОК – ЗНМ со силна реакција

ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите во насока на унапредување на транспарентноста и заемната соработка.

МЕДИУМСКАТА СЛОБОДА ПОД ПРИТИСОК – ЗНМ со силна реакција
Фото: ЗНМ

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, особено апелите упатени кон медиумите кои, по својата содржина, се ограничувачки и претставуваат обид за воспоставување лоша институционална практика во односите со медиумите.

ЗНМ остро го осудува обидот на Министерството да наметнува правила за тоа како медиумите треба да известуваат – особено кога станува збор за чувствителни теми од јавен интерес. Иако формално претставени како апели, ваквите насоки суштински претставуваат институционален притисок и можно ограничување на медиумската слобода, што е спротивно на демократските принципи и правото на слобода на изразување.

Потсетуваме дека член 16 од Уставот на Република Северна Македонија ја гарантира слободата на јавното информирање и ја забранува цензурата. Прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулацијата – преку Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствените надлежни тела за оценување евентуални повреди на етичките норми.

Ги охрабруваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат професионално, етички и со сензитивност – особено кога се известува за трагедии и ранливи категории граѓани. Истовремено, укажуваме дека секој институционален обид за ограничување на пристапот до информации или влијание врз начинот на известување е недозволив и штетен за јавниот интерес.

ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите во насока на унапредување на транспарентноста и заемната соработка. Но, цврсто ќе застанеме во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде навремено и објективно информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.

CATEGORIES
Share This