МАКЕДОНИЈА ЈА ЗАВРШИ ГОДИНАТА СО 8 ПОРАЗИ И САМО ЕДЕН ГОЛ Но, традицијата ни дава надеж за баражот

По дебаклот против Словенија (0:3), македонската репрезентација ја затвори годината со катастрофален биланс.

МАКЕДОНИЈА ЈА ЗАВРШИ ГОДИНАТА СО 8 ПОРАЗИ И САМО ЕДЕН ГОЛ Но, традицијата ни дава надеж за баражот
Фото: Принтскрин

Македонската фудбалска репрезентација ја заврши 2026 година со убедлив домашен пораз од Словенија (0:3), потврдувајќи ја една од најлошите години во поновата историја на националниот тим. Билансот е поразителен: во десет натпревари Македонија забележа осум порази и две нерешени средби, без ниту една победа. Уште понеславна е гол-разликата – нашите фудбалери постигнаа само еден гол, а примија дури 23.

И покрај шесте порази во Лигата на нации, Македонија сè уште има шанса да го задржи местото во Б сегментот и во следниот циклус на натпреварувањето. Во петок на пладне ќе го дознае противникот за баражот, чии натпревари ќе се играат на 25 и 30 март следната година.

Можни противници се четири репрезентации кои завршија на второто место во своите групи од Ц сегментот: Белорусија, Кипар, Естонија и Фарски Острови. Иако моменталната форма на Македонија не дава многу причини за оптимизам, меѓусебната традиција против сите четири селекции е на наша страна.

Против Белорусија, Македонија има одиграно три натпревари, со една победа, едно реми и еден пораз, при гол-разлика 4:2. Со Кипар сме се сретнале двапати и имаме една победа и едно реми, без пораз, со гол-разлика 4:1.

Најдобар биланс имаме против Естонија. Во шест меѓусебни дуели забележавме четири победи и две нерешени средби, без ниту еден пораз, со гол-разлика 13:7. И против Фарските Острови Македонија нема пораз. Во трите досегашни натпревари остваривме две победи и едно реми, со гол-разлика 3:1.

Традицијата, значи, е на страната на македонската репрезентација, но вистинскиот тест ќе биде на теренот. По катастрофалната 2026 година, на националниот тим му е потребен резултат што ќе ја врати самодовербата и ќе донесе надеж дека во 2027 година конечно ќе се радуваме на победа. Првиот чекор е ждрепката во петок, кога ќе дознаеме против кого ќе се бориме за опстанок во Б сегментот на Лигата на нации.

СЕДЛОСКИ ПО ДЕБАКЛОТ ОД СЛОВЕНИЈА Немаме крв, немаме трка, немаме желба – Македонија со шест порази и нула бодови

CATEGORIES
Share This