МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ОГРАНИЧУВА ГОРИВО – Премиерот откри детали

Македонија обезбедува керозин и за околните аеродроми и е регионален лидер во стабилноста.

МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ОГРАНИЧУВА ГОРИВО – Премиерот откри детали
Фото: Национал

Македонија има доволно гориво и не планира да ја ограничи неговата продажба, иако граѓани од соседните земји точат бензин на нашите пумпи, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Снабдувањето со електрична енергија е исто така обезбедено, но е можно повлекување на мазут од државните резерви за производство на струја.

Според премиерот, конзумирањето на гориво во земјата е зголемен за околу 10 отсто, а нафтоводот е во целосна функција, што обезбедува дополнителна сигурност. Складовите се полни согласно закон, а државните резерви се околу 60 дена.

Мицкоски додаде дека дел од околните аеродроми се снабдуваат со керозин од Македонија.

„Имаме доволно количини гориво за потребите на граѓаните и бизнисите. Зголемен е конзумот во пограничните области со Албанија, Косово, Србија и Грција, но цената кај нас е пониска, па луѓе од соседните земји точат гориво тука. За разлика од минатото, кога молевме за помош, сега ние даваме стабилност во регионот. Нафтоводот е целосно функционален, складовите се полни, а државните резерви се околу 60 дена. Не постои потреба од ограничување на продажбата. И не само тоа и дел од околните аеродроми користат керозин од ОКТА. Како држава стануваме генератор на стабилност, а наш приоритет е да обезбедиме најниски цени на гориво за граѓаните и бизнисите“, рече Мицкоски.

На прашањето за можноста за повлекување на мазут од државните резерви за производство на струја, премиерот потврди дека ова се разгледува.

„Добивме информација дека околу 3.000 тони мазут, кои требаше да се повлечат на крајот на минатата година за време на кризната состојба, не се целосно користени. Можеби ќе ја оживееме таа одлука и ќе ги повлечеме тие количини, а потоа ќе одлучиме за понатамошни чекори. Дирекцијата на АД ЕСМ информира дека потребите на граѓаните се задоволени, а дел од струјата се продава навечер, со што се остваруваат дополнителни приходи“, потенцира Мицкоски.

CATEGORIES
Share This