МАКЕДОНИЈА ИМА ОБРАЗОВНА ЦЕЛ – Универзитет меѓу првите 1000 на Шангајската листа

Премиерот истакнува дека достоинствените примања ја отвораат патеката кон научното творештво

МАКЕДОНИЈА ИМА ОБРАЗОВНА ЦЕЛ – Универзитет меѓу првите 1000 на Шангајската листа
Фото: Национал

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека образованието и науката се меѓу врвните приоритети на државата. Тој посочи дека, како универзитетски професор, лично ја разбира важноста на висококвалитетното образование и научното творештво.

„Без квалитетно образование и без квалитетна наука, не можеме како нација да јакнеме ниту како држава“, нагласи Мицкоски.

Тој додаде дека Владата значително ги зголемува средствата за поддршка на научно-истражувачките проекти од 340 милиони денари во 2023 година, до 680 милиони денари во 2024 и 2025, и над 770 милиони денари за 2026 година.

„Дали е тоа доволно? Не е. Дали треба повеќе? Секако. Но е значително повеќе од она што го затекнавме“, истакна премиерот.

Мицкоски најави и измени во Законот за високо образование, според кои професорите кои сакаат да развиваат академска кариера ќе треба повеќе да се посветат на пишување научно-истражувачки трудови објавени во списанија со фактор на влијание, вклучително и трудови кои ќе бидат дел од базата на Томсон Ројтерс.

„Анализата покажува дека, ако сакаме универзитет во првите 1000 на Шангајската листа, како држава треба да го зголемиме бројот на вакви објави меѓу 8 и 10 пати. Со последните зголемувања, примањата на професорите, доцентите и асистентите се достојни, па сега треба да се свртиме кон науката – основната дејност на еден професор“, заклучи Мицкоски.

Тој се надева дека во иднина Македонија ќе може да се пофали со барем еден универзитет меѓу првите 1000 на Шангајската листа.

CATEGORIES
Share This