ГОЛЕМО ВРАЌАЊЕ – Еве каде ќе настапи Македонија на Евровизија 2027
Македонска радио-телевизија ја потврди намерата за учество на Евровизија 2027.

По неколкугодишна пауза, Македонија повторно ќе биде дел од најголемиот европски музички спектакл Евровизија. Од Македонската радио-телевизија е потврдено дека земјата планира учество на изданието во 2027 година, кое ќе се одржи во Бугарија.
Директорот на МРТ, Зоран Ристоски, на седница на Програмскиот совет соопштил дека биле одржани разговори со претставници на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), по што е донесена одлука Македонија повторно да има свој претставник на овој престижен музички натпревар.
Според него, враќањето на Евровизија претставува значаен чекор за промоција на македонската музика, култура и уметници пред европската публика. Тој нагласил дека јавниот сервис добил позитивни сигнали и поддршка од ЕБУ, како и можност за поповолни услови за повторно приклучување кон натпреварот.
Македонија последен пат учествуваше на Евровизија во 2022 година, а паузата беше резултат на финансиски и организациски предизвици. Најавата за враќање веќе предизвика реакции кај љубителите на фестивалот, кои очекуваат нова шанса за домашните изведувачи на европската сцена.
