МАГИЈАТА Е ВО ЗНАЕЊЕТО – МОН го одбележа Светскиот ден на учителите
Кампањата ќе продолжи со стручни собири, панел дискусии и работилници низ целата држава, со цел да се врати достоинството на наставничката професија и да се истакне важноста на знаењето за иднината на нашите деца.

Министерството за образование и наука го одбележа 5 Октомври – Светскиот ден на учителите, со почеток на кампањата „Магијата е во знаењето“. Настанот вклучуваше тематски панел дискусии за статусот на наставниците, нивните предизвици и начинот на кој општеството ја вреднува нивната посветеност.
Министерката Весна Јаневска, заедно со претставници на УНИЦЕФ, Педагошкиот факултет и Сојузот на просветни работници, истакна дека наставниците се херои на нашето време, кои секојдневно ја пренесуваат светлината на знаењето на младите.
Во рамки на настанот беа доделени и признанијата „Просветен работник на годината“ за 2024/2025, како јавно признание за нивната посветеност и придонес.
Признанијата ги добија Елеонора Костоска Јованоска – воспитувач во ЈОУДГ „Наша иднина“ во Прилеп; Фросина Ангелова – педагог во ЈОУДГ „Мајски цвет“ во Скопје; Сузана Ќелешоска – наставник по одделенска настава во ОУ „Мурат Лабуништи“ с. Лабуништа, Струга; Наташа Тодоровска – наставник по одделенска настава во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола; Маја Митевска Поцева – наставник по одделенска настава во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип; Павлинка Вељаноска – наставник по музичко образование во ОУ „Гоце Делчев“ во Неготино; Милица Патраклиева – наставник по географија во ОУ„Лазо Трповски“ во Скопје; Аница Б. Златевска – психолог во ОУ „Коле Канински“ во Битола и Јасмина Денковска – наставник по информатика во СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ во Куманово.
Кампањата ќе продолжи со стручни собири, панел дискусии и работилници низ целата држава, со цел да се врати достоинството на наставничката професија и да се истакне важноста на знаењето за иднината на нашите деца.


