МАГИЈА НА ЕКРАН – Филмот „Снешко“ што ги спојува математиката, љубовта и снегот
Ликот на таткото како внатрешен водич низ непознат свет и нови искушенија.

„Дрим Фектори“ го започнува снимањето на филмот „Снешко“ тинејџерска бајка за девојка која никогаш не видела снег
Продукциската куќа „Дрим Фектори“ официјално го стартува снимањето на новиот игран филм „Снешко“, тинејџерска драма со елементи на фантазија, која ја следи приказната за девојка што расте на остров каде што никогаш не паѓа снег.
Главната хероина, Лили (16), е математички гениј, интровертна, оригинална и недоволно прифатена од својата средина. Нејзиниот внатрешен свет е обликуван од ликот на нејзиниот татко, морнар познат како „Капетан Снешко“, кој во нејзината имагинација постојано е присутен како водич и поддршка.
Кога тајно математичко здружение ја избира Лили да се натпреварува со четири врвни млади математичари во средновековниот Castello di Verrès во Италија, таа за првпат го напушта својот сончев остров. Тоа патување ѝ носи можност да го доживее снегот за кој отсекогаш сонувала, но и да се соочи со предизвици што одат далеку надвор од математиката. За да победи, Лили мора да направи нешто што не може да се реши со формула да созрее.
Филмот е во режија на Стојан Вујичиќ, еден од водечките македонски автори, познат по играните и документарните остварувања прикажувани и наградувани на домашни и меѓународни фестивали. Тој е автор и на првиот македонски долгометражен филм за деца „Стела“ (2021). Во креативниот процес учествува и Дена Вујичиќ, која заедно со него и со Александар Русјаков е коавтор на сценариото, носејќи современа и младешка перспектива во приказната.
Во актерската екипа настапуваат Ирина Апелгрин, Христијан Ристевски, Тони Наумовски, Даниела Ивановска, Симеон Дамевски, Тони Михајловски и други. Кинематографер на филмот е Дејан Димески, костимите се дело на Гео Павлов, сценографијата ја потпишува Влатко Зафирковски, а за шминката се задолжени Магдалена Бојаџиева и Снежана Ангеловска Живковска. Продуцент на проектот е Огнен Антов.
„Снешко“ е меѓународна копродукција на „Дрим Фектори“ од Македонија со партнерски продукциски куќи од Хрватска („Sekvenca“), Италија („The Box Film“), Бугарија („Samsara“) и Албанија („Papadimitri Film Production“). Проектот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и националните филмски фондови на земјите учеснички.
