ЛУКОИЛ БАРА 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД БУГАРИЈА- Започнува голема правна битка
Арбитражната постапка се заканува да отвори еден од најголемите енергетски спорови во регионот.

Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ бара отштета од околу 3 милијарди евра од Бугарија, откако државата ја презеде контролата врз дел од локалните операции на компанијата, изјави Румен Спецов, специјален управител кој ги надгледува бугарските средства на групацијата, пренесува SeeNews. Според него, барањето е поднесено преку швајцарската подружница „Литаско“, но сè уште не е конечно формализирано.
Спорот произлегува од интервенцијата на бугарските власти во работењето на компанијата по назначувањето на специјален управител. Претходно, „Лукоил“ најави можност за арбитражна постапка пред Меѓународниот центар за решавање инвестициски спорови (ICSID), тврдејќи дека Софија незаконски ги презела нејзините средства.
Назначувањето на Спецов како државен администратор беше реакција на санкциите што САД ги воведоа врз дел од активностите на компанијата. Вашингтон подоцна одобри привремено, шестмесечно ослободување за бугарските операции на „Лукоил“.
Спецов во интервју за bTV нагласи дека неговата улога е да обезбеди почитување на санкциите и дека компаниите во Бугарија работат стабилно. Тој додаде дека евентуалните барања од руската страна би биле базирани на финансиски индикатори, но дека моменталната состојба на фирмите е добра.
Во Бугарија, „Лукоил“ ја поседува најголемата рафинерија на Балканот во Бургас, како и мрежа од 217 бензински пумпи. Компанијата е значаен производител на авионско гориво во регионот, а нејзиниот годишен обрт во земјата надминува 8 милијарди евра.
Одлуката за назначување државен управител беше донесена во ноември, по воведувањето на американските санкции. Компанијата претходно предупреди дека државната интервенција може да предизвика значителни финансиски загуби и губење на добивка.
Од своја страна, „Лукоил“ истакнува дека нејзината бугарска подружница е еден од најголемите инвеститори и работодавачи во земјата, со инвестиции кои во последните 25 години надминуваат 4,5 милијарди долари. Според компанијата, таа одржува конструктивен дијалог со локалните власти и применува високи стандарди за безбедност и екологија.
Спецов, пак, смета дека оваа ситуација може да претставува можност за бугарската држава да стекне удел во рафинеријата во Бургас, доколку парламентот донесе таква одлука.
