ЛАВРОВ ДО ЗЕЛЕНСКИ Сакаш средба со Путин? Дојди во Москва!
Русија тврди дека е подготвена да ја гарантира безбедноста на украинскиот претседател, додека Киев инсистира евентуалната средба да не се одржи во руската престолнина.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да отпатува во Москва доколку сака директна средба со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако Зеленски сака да се сретне, треба да дојде во Москва; ние ќе ја обезбедиме неговата безбедност“, изјави Лавров на прес-конференција по првиот ден од состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Атланта.
Лавров додаде дека Путин и претходно изразувал подготвеност за средба со украинскиот лидер, и покрај досегашниот развој на односите меѓу двајцата претседатели.
Изјавата на Лавров следува откако украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха соопшти дека Зеленски е подготвен да се сретне со Путин и директно да разговара за територијалните прашања во рамките на напорите за завршување на војната.
Сепак, украинската страна исклучува средбата да се одржи во Москва. Различните ставови за местото на евентуалната средба остануваат една од пречките во обидите за организирање директни разговори меѓу двајцата претседатели.
Осврнувајќи се на дипломатските напори за решавање на конфликтот во Украина, Лавров ги обвини европските земји дека се обидуваат да се вклучат во преговорите по секоја цена.
Според него, Русија и САД планираат трилатерален состанок со украински експерти во Абу Даби, а европските држави не сакаат преговорите да останат во рацете на Москва и Вашингтон.
„Клучното прашање е што можат да придонесат во процесот на преговори“, порача Лавров, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Тој нагласи дека Русија ќе го земе предвид угледот на европските земји доколку тие сакаат да учествуваат во идните преговори или да станат гаранти на евентуален мировен договор.
Како аргумент за својата позиција, рускиот министер се повика на настаните од февруари 2014 година, кога Франција, Германија и Полска посредуваа и го гарантираа договорот меѓу тогашниот украински претседател Виктор Јанукович и опозицијата.
Според толкувањето на Лавров, опозицијата го прекршила договорот уште следниот ден, без европските држави да реагираат соодветно. Со оваа изјава, шефот на руската дипломатија ја доведе во прашање улогата на европските земји како можни учесници или гаранти во идниот мировен процес за Украина.

